/ Прочитано:

1.060

Презентиран новиот извештај на Институтот за човекови права за работата на Судскиот совет

Денеска Институтот за човекови права го објави и го презентираше кварталниот извештај за работата на Судскиот совет на РМ, за периодот од јуни до септември 2018 година. Тој е изработен во рамките на проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет на РМ“ со цел оцена на транспарентноста, отчетноста и ефективноста на Судскиот совет на Република Македонија.

„На јавните седници на ССРМ се почитува начелото на транспарентност и, во најголем број случаи, по точките од дневниот ред дискутираат членовите на ССРМ, со свои предлози или забелешки. Претседателот на ССРМ посебно обрнува внимание на објаснувањето на секоја точка од дневниот ред која е нејасна, дава појаснување и остава доволно време за дискусија. Неколку пати дневниот ред, кој е објавен на веб-страницата, не соодветствуваше со дневниот ред по кој се работеше на седницата, бидејќи на самата седница се предлагаа нови точки за разгледување. Образложение за ваквото постапување беше дека по овие точки треба итно да се расправаа или пак истите не се јавно наведени, поради невнимание на службите, но за истите, на колегиум, е веќе разговарано меѓу членовите на ССРМ“, се вели во Извештајот.

„Имаше ситуации кога беа предложени точки на дневен ред за кои јавноста особено е заинтересирана (без разлика што се работи за прашања за кои се исклучува јавноста согласно со законот). Оваа појава може да доведе до перцепција дека со избегнувањето на јавно ставање на тие точки на дневен ред, на веб-страницата, тоа би предизвикало поголемо внимание од јавноста, на новинарите, а на овој начин за истите ќе се расправа без поголем публицитет и ќе се избегнат изјави во врска со нив“, се додава во Извештајот.

Во првата половина од годинава најголем дел од судовите се ажурни, но неколку судови не успеале да го совладаат решавањето на приливот на нови предмети и се сметаат за неажурни. Причина за тоа е недоволниот број на судии во основните судови, недостатокот на техничка опрема, како и недостаток на просторни и човечки капацитети за нормално функционирање на судовите. Не се видливи преземените дејствија од ССРМ за ублажување на оваа состојба.

„Избор на член на ССРМ (од редот на судиите припадници на сите заедници кои не се мнозинство во Република Македонија) се одржа на 5 септември 2018 година. Дури кон крајот на септември записникот од комисијата што го спроведе изборот се најде пред членовите на разгледување“, се истакнува во Извештајот.

Комисијата за избор констатирала дека во неколку избирачки места не е испочитувана процедурата за текот и времето на отпочнување и завршување на гласањето согласно на закон. Ова, се посочува во Извештајот,  е направено самоиницијативно од изборните одбори во овие избирачки места кои гласањето го прекинале пред 15 часот, третирајќи ги судиите кои не гласале како да се отсутни од работа, иако се работи за законско право на гласање, истите требале да чекаат до 15 часот кога завршување гласањето и се затвараат избирачките места. Оваа ситуација не влијаела врз изборните резултати. Немало ниту еден приговор пред комисијата за оневозможување на гласачкото правo.

Во текот на септември се донесе одлука да се распишат избори за 6 нови членови на Судскиот совет, чиј мандат истекува на 18.12.2018 година, од кои пет се од редот на судиите и еден е од редот на истакнатите правници, а се избира по предлог на Претседателот на РМ.

Иако до ССРМ, уште во декември 2017 година беше доставен Извештајот за (зло)употреба на АКМИС-от, изготвен од независна работна група која ги направи потребните истражувања, сепак, и по завршувањето на овој извештаен период, не се видливи какви било преземени дејствија од ССРМ, со цел утврдување и отстранување на неправилности.

„Ова е показател за недоволната ефективност во овој дел, што негативно придонесува за независноста на судството за која треба да се грижи ССРМ“, се вели во Извештајот.

По објавениот шестмесечен извештај од СЈО, во кој неколку судии јавно, со име и презиме, беа посочени дека ја извршувале судиската функција без морален интегритет, ССРМ не презема ниту едно дејствие со цел заштита на независноста на судството.

М.В