Презентиран Вториот мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство
Институтот за човекови права денеска го презентираше Вториот мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство.
ИЧП врши мониторинг на работата на Државното правобранителство на РСМ (ДПРСМ) преку следење на судските и управните постапки во кои Државното правобранителство се јавува како странка во постапката. Во согласност со законската регулатива, Државното правобранителство е орган кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на државата.
Предмет на анализа на Вториот мониторинг извештај е постапувањето на Државното правобранителство во однос на заштитата на имотните права и интереси на РСМ, особено во постапките за отуѓување градежно земјиште, во кои овој орган дава мислење (позитивно/негативно), како и во постапките за отуѓување државен имот и експропријација и денационализација. Понатаму, се анализираат судските постапки, а особен фокус ќе биде ставен на прашањето дали се користат вонсудските спогодби, односно кои се причините за нивно некористење.
„Државното правобранителство (од пред неколку месеци) има нова веб-страница. Веб-страницата на Државното правобранителство содржи податоци за организационата структура на органот, правната рамка, годишните извештаи, стратешките планови и слично. Во однос на претходната, потребно е да истакнеме дека новата веб-страница содржи повеќе податоци кои се распределени на попрегледен начин.
Во однос на годишните планови, може да се забележи дека последниот објавен годишен извештај е Годишниот извештај за 2017 година. Според добиените сознанија од Државното правобранителство, годишниот извештај за 2018 е во постапка на изработка и откако ќе биде формално одобрен од Владата на РСМ, ќе биде објавен на веб-страницата на Државното правобранителство.
Соопштенијата за јавноста главно се однесуваат на: известувања за одржани состаноци, присуства на настани и средби на државниот правобранител со претставници на институции во РСМ, со претставници на дипломатскиот кор, како и одржани конференции поврзани со работата на овој орган.
И во Вториот мониторинг извештај се забележува отсуство во проактивната улога на Државното правобранителство во смисла на давање соопштенија за медиуми, особено во предмети кои се однесуваат на отуѓување државно неизградено земјиште“, се вели во извештајот.
Главните проблеми со кои и понатаму се соочува Државното правобранителство на РСМ, се посочува во извештајот, се однесуваат на функционирањето на органот од аспект на намалени човечки ресурси, како и кратките рокови за постапување, а во насока на некоординираност на државните органи кои ги застапува пред надлежните судови, односно ненавремено доставување на потребната документација на начин на кој ДП е оневозможено да ги штити правата и интересите на државните органи што ги застапува.
Понатаму, како пречка се наведува комплексната законска постапка во изготвувањето и одобрувањето на правните акти на ДП во одредени постапки во кои законските рокови за постапување се кратки. Ова особено се однесува во оние случаи кога ДП треба да побара согласност од државен орган за преземање дејствија за поведување постапка, повлекување тужба, откажување од тужбено барање или предлог за извршување, признавање на барањето на спротивната странка, склучување порамнување, како и во други случаи утврдени со Законот за Државното правобранителство.
„Како и во претходниот мониторинг извештај, повторно констатираме дека Државното правобранителство не излезе во јавноста со каква и да е информација со цел да ги образложи позитивните, а воедно и негативните мислења дадени за отуѓување на градежни земјишта во државна сопственост“, истакнуваат од Институтот за човекови права.
Постапките за денационализација, во согласност со Законот за денационализација се итни, но сепак се водат по повеќе години. Овој факт, додаваат од Институтот, беше констатиран и во претходниот мониторинг извештај.
Во постапките за експропријација, поранешните сопственици на земјиште најчесто поднесуваат тужби бидејќи сметаат дека им се нудат цени кои се помали од пазарната вредност на земјиштата.
Во оваа конотација Уставот на РСМ предвидува: „Во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничувања на сопственоста, се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.”
Според доставените одговори од државните правобранителства за подрачјето на Скопје се водат атхезиони постапки: за Штип 3, за Струмица 10, за Кавадарци 2, за Куманово 1, за Тетово 4, за Кичево 6, додека пак за Охрид, Струга, Гостивар и Битола нема оформено вакви предмети. ДПРСМ за подрачјето на Кочани, според добиениот одговор, учествува како застапник по закон на државата во сите активни атхезиони постапки, без наведување на точниот број.
Од доставените одговори на државните правобранителства за подрачјата на Скопје, Штип, Куманово, Кавадарци, Струмица, Охрид, Струга, Гостивар, Битола, Тетово и Кочани, за периодот од 1.12.2018 година до 30.4.2019 година, не е склучена ниту една вонсудска спогодба, односно ниту еден спор не е спогодбено решен.
„Од таа причина треба да се размисли за склучување вонсудски спогодби во оние предмети во кои постојат јасни докази кои во евентуална судска постапка би го поткрепиле тужбеното барање на тужителот. Воедно, употребата на институтот вонсудска спогодба значително би ги намалил исплатите од Буџетот на државата на име трошоци во постапки кои во одредени случаи и за одредени основи достигнуваат значителни суми и истовремено би придонел за афирмација на начелото на економичност на постапката“, образложуваат од Институтот во извештајот.
„Во согласност со добиениот одговор од ДПРСМ за подрачјето на Скопје, на прашањето колкав износ е исплатен од Буџетот на РСМ на полномошниците на странките кои успеале во споровите на име трошоци за застапување, во период 1.12.2018 година до 30.4.2019 година, добивме одговор дека ДПРСМ за подрачјето на Скопје не располага со прецизни информации од причина што исплатата на досудените трошоци се врши преку Министерството за финансии –Сектор Трезор“, се резимира во извештајот.
За активностите на Државното правобранителство како адвокат на државата малку се знае во јавноста
М.В