Презентирана Анализата на празнини и недостатоци – предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина
Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) денеска ја промовираше Анализата на празнини и недостатоци – предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина, подготвена во изминатиот период од стана на експертскиот тим на ЦПИА.
Главната цел на анализата е мапирање на законските и институционалните предизвици во законодавството за животна средина, со што ќе се овозможи длабинска процена на перформансите за заштита на животната средина.
Наодите на анализата ќе ги постават основите за креирање превентивни активности на полицијата и на државните институции во земјата, судството и јавните обвинители кон воспоставување на модел за ефективна еколошка правда. Овој систематски пристап ќе обезбеди целосна процена и на нивото на усогласеност на националните закони со правото на ЕУ.
На денешниот настан поздравни обраќања имаа академик Владо Камбовски, раководител во Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ – МАНУ, и Никола Јовановски, програмски менаџер во Центарот за правни истражувања и анализи. Во своето обраќање Јовановски се осврна и на нацрт-деловникот и нацрт-програмата за работа на Платформата за еколошка правда.
За клучните наоди од анализата говореа авторите на анализата: Жарко Хаџи-Зафиров, правен експерт, Ана Павловска-Данева, правен експерт, Елена Мујовска-Трпеска, правен експерт, Ана Чоловиќ-Лешоска, технички експерт и Марјан Михајлов, технички експерт.
Авторите посочија дека анализата на празнините и недостатоците на институционалната и правната рамка на животната средина претставува сеопфатен преглед меѓу законски планираните наспроти спроведените функции и надлежности на овластените чинители од областа на животната средина.
Препознавањето на празнините и недостатоците во правната рамка што ја уредува животната средина е појдовната претпоставка пред да се истакнат причините за конкретните ограничувања кои оневозможуваат ефикасна, ефективна и економична имплементација на целите и приоритетите во областите на животната средина.
Животната средина подразбира креирање на политики од значење за јавниот интерес, при што механизмите за заштита и нејзино унапредување треба да станат одредница во усогласувањето на социјалните и економските интереси во поширок контекст на државата.
Со анализата, појаснуваат авторите, се опфатени теми од пет клучни области: животната средина, заштитата на природата, водите, управувањето со отпад и квалитетот на амбиентниот воздух. За секоја од областите се претставени законската рамка и надлежностите, подзаконските акти кои произлегуваат од неа и стратешките документи како основни инструменти за функционалноста на законската рамка.
Препознаените недостатоци и механизми се утврдени преку конкретни заклучоци за интервенции во законските и подзаконските акти за животната средина. Со цел да се даде реална оцена на капацитетите за спроведување на законите, оваа анализа се осврнува и на институционалната рамка, каде што посебен фокус е даден на постоечките капацитети и начинот на внатрешна организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и на Државниот инспекторат за животната средина.
Заклучоците што произлегуваат се формулирани со цел унапредување на имплементацијата на правната рамка преку идентификување на актите кои недостасуваат, а се неопходни за ефективна примена на законите од областа на животната средина.
„Од извршената нормативна и легислативна анализа произлегува дека, и покрај обемноста на правните прописи и комплексноста на прашањата кои ги уредуваат, во најголем дел се донесени актите кои се однесуваат на нејзина заштита и управување, утврдени се функциите на надлежните чинители, како и содржините кои директно или индиректно ја регулираат животната средина“, истакнуваат авторите, кои во анализата дават и клучни препораки за институционалната и правната рамка на животната средина.
Основање на Платформата за еколошка правда
Ќе се основа платформа за еколошка правда
Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда
М.В