/Прочитано:

1.706

Презентирана анализата „Споровите од мала вредност во првостепените судови во Република Македонија“

Денеска беше презентирана анализата „Споровите од мала вредност во првостепените судови во Република Македонија“, подготвена од страна на Центарот за правни истражувања и анализи и е дел од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судски реформи“,  поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Анализата ги опфаќа и ги сумира податоците прибирани од основните судови, од Судскиот совет на РМ, како и податоци добиени при спроведените интервјуа со судии кои судат во спорови од мала вредност. Исто така, анализата содржи и податоци за трошоците на постапката за споровите од мала вредност.

Како што е определено во Законот за парничната постапка, спорови од мала вредност, во смисла на одредбите од овој закон, се спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари што не го надминува износот од 600.000 денари. Како спорови од мала вредност се сметаат и споровите во кои тужбеното барање не се однесува на побарување во пари, а тужителот во тужбата навел дека се согласува, наместо исполнување на определено барање, да прими определен паричен износ кој не го преминува износот од 600.000 денари.

Исто така, како спорови од мала вредност се сметаат и споровите во кои предмет на тужбеното барање не е паричен износ, туку предавање подвижен предмет чија вредност, која тужителот ја навел во тужбата, не го надминува износот од 600.000 денари.

Адвокатот Жарко Хаџи Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи истакна дека анализата опфаќа мошне значајна материја од аспект на правосудството. Во практиката, истакна Хаџи Зафиров, граѓаните, односно странките често го поставуваат прашањето дали вреди да се влегува во спор, колку тоа ќе чини и колку ќе се добие.

„Странката што повела спор од мала вредност пред судовите во Република Македонија се соочува со неизвесност поврзана со нивото на очекуваните трошоци за време на судскиот процес. Ова примарно се поврзува со судските такси и со адвокатските трошоци. Исто така, процесирањето на предметите е поврзано и со трошоци што се однесуваат на државниот буџет. Овие трошоци примарно се поврзани со трошоците што се појавуваат во судскиот буџет и што се поврзани со судските оперативни трошоци“, образложи Хаџи Зафиров.

Прашањата што се однесуваат на трошоците, нагласи Хаџи Зафиров, се исклучително важен сегмент од она што се нарекува економичност на постапката. Тоа, всушност, е и целта на оваа анализа, која дава процена на трошоците кои се пoврзани со споровите од мала вредност.

Говорејќи за методолошкиот пристап на анализата, Гоце Коцевски, национален правен експерт, на денешниот настан истакна дека во 2016 година пред основните судови во Македонија биле започнати вкупно 8848 спорови од мала вредност.

Споредено со 8596 спорови во 2015 година, нема забележително зголемување или намалување на бројот на случаи. Анализирано како процент од вкупниот број парнични предмети по кои одлучуваат судовите, споровите од мала вредност изнесуваат 17% во 2015 година и 20% во 2016 година. Зголемувањето на процентот во 2016 година се должи на значителното намалување на вкупниот број предмети.

Посочувајќи на податоците од истражувањето, Коцевски истакна дека во анализата се даваат податоци во однос на трошоците на товар на судскиот буџет и трошоците на товар на странката. Во таа смисла, во анализата се укажува дека пресметаните коефициенти кои се статистички значајни покажуваат дека трошокот по предмет за граѓански и парнични предмети изнесува 3.473 денари или 56 евра.

Буџетскиот трошок за решавање на 8.848 спорови од мала вредност решени во 2016 година е проценет дека изнесува околу 30.487.376 денари или 495.4888 евра на годишно ниво. Истиот овој трошок, се вели во анализата, можел да биде заштеден доколку биле применети алтернативни начини на решавање на споровите.

„Доколку ги имаме предвид високите трошоци кои се однесуваат на судскиот систем, намалувањето на овие трошоци ќе го доведе судскиот буџет поблиску до просекот на земјите членки на Советот на Европа. Имено, во Македонија, вкупниот судски буџет во 2014 година изнесува 2,14% од годишните јавни расходи и е речиси три пати повисок од просекот на земјите членки на Советот на Европа кој изнесува 0.8%. Со други зборови, процентот од јавната потрошувачка посветена на судскиот буџет е највисок во Македонија споредено со другите земји членки на Советот на Европа“, се вели во анализата.

Во однос на трошоците на товар на странката, во анализата е проценето дека вкупниот трошок, вклучувајќи ги судските и адвокатските такси за две рочишта, ги надминуваат придобивките за предмети што се однесуваат на спорови од мала вредност пониска од 3.600 денари или 59 евра.

„Треба да се напомене дека  повеќето од предметите што се однесуваат на спорови од мала вредност се решаваат со две или повеќе рочишта. На пример, 69% односно 84% од предметите кои се однесуваат на спорови од мала вредност се решени со две или повеќе рочишта во Основниот суд во Гостивар и во Основниот суд во Штип, соодветно. Со други зборови, нема економска логика да се оди пред суд чијашто вредност е пониска од 3.600 денари, односно 59 евра“, се вели во анализата.

Понатаму, во анализата се нагласува дека е проценето оти вкупните трошоци, вклучувајќи ги судските и адвокатските трошоци за три рочишта, ги надминуваат придобивките кај предметите кои се однесуваат на спорови од мала вредност доколку вредноста е пониска од 12.700 денари, односно 2.016 евра. Ако вредноста на спорот е над 12.700 денари, придобивките ги надминуваат вкупните проценети трошоци.

Повеќето од предметите во Основниот суд Скопје, се додава во анализата, се решаваат во три рочишта. Ако се има ова предвид, нема економска логика да се оди пред Основен суд Скопје за спорови чија вредност е помала од 12.700 денар, односно 206 евра.

„Доколку се спореди со просечната месечна нето-плата, проценето е дека водењето спор од мала вредност пред Основен суд Скопје чини повеќе од половина од просечната нето-плата. Од друга страна, проценето е дека се потребни само 15 проценти од просечната нето-плата за да се води спор пред Основниот суд во Гостивар и пред Основниот суд во Штип“, се вели во анализата.

Адис Хоџиќ, меѓународен експерт по економија, на денешната средба истакна дека  обработката на податоците и статистикaта во анализата даваат податоци кои даваат одговор на клучното прашање колку водењето на споровите и пристапот до правда го чинат општеството.

Во таа насока, присутните судии, адвокати и правни експерти ја поздравија анализата за која оценија дека дава одлично изработен приказ со јасни показатели за водењето на споровите од мала вредност, особено од аспект на водењето на постапките и нивната економичност, но и од аспект на сиромашкото право на кое во денешните економски констелации мора да му биде ставен посебен акцент.

М.В