/ Прочитано:

1.766

Презентирана Националната транспортна стратегија 2018 – 2030

Министерството за транспорт денеска ја презентираше Националната транспортна стратегија 2018 – 2030. Националната транспортна стратегија е документ со кој се дефинираат јасни насоки за инвестициски планирања во инфраструктурата и за развој на целокупниот транспортен систем во Република Македонија.

Стратегијата содржи имплементациски план во кој се опфатени 104 активности, со буџет проценет од околу 4,2 милијарди евра, кои се планирани да отпочнат со реализација до 2030 година.

Во своето обраќање министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека крајната цел на Националната стратегија е да развие хармонизиран транспортен сектор, кој е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, кој ја зачувува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации.

Со Стратегијата е предвидено да се постигнат 4 главни цели:

  • Зајакнување на интеграцијата во ЕУ и промовирање на регионална соработка преку завршување на патната и железничката мрежа на паневропските коридори и европските рути.
  • Подобрување на економската одржливост на национално ниво заради повисоко рангирање на земјата со Индексот на логистички перформанси на Светската банка.
  • Воведување на „зелена мобилност“ и логистика, фокусирана на еколошка ефикасност на транспортниот сектор преку намалување на емисиите на стакленички гасови од транспортот за 15,1% во 2025 година и за 18,6% во 2030 година, споредено со претходните нивоа.
  • Воспоставување на сигурен и безбеден транспортен систем во сите видови на транспорт преку намалување на бројот на смртни случаи на патиштата до 50% до 2030 година. Повеќе за Стратегијата на следниот линк.