/ Прочитано:

1.417

Презентирани новините во измените на Законот за возила

Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги презентираше последните измени и дополнувања во Законот за возила, коишто вчера беа усвоени од Собранието на Република Северна Македонија.

Како што истакна министерот Бектеши, законските измени се однесуваат на две важни подрачја – сообраќајот и екологијата, и се плод на барањата на граѓаните со главна цел да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата.

Новина во Законот за моторни возила е воведувањето субвенции за вградување уреди на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, односно метан, субвенции за купување ново возило, ако претходно користеното се одјави. Се воведува категоризација на возилата во зависност на стандардите кои ги исполнуваат, кои ќе бидат одбележани со зелена, жолта и црвена налепница, а се воведуваат и жолти регистарски таблички за таксистите и унифицирана светлечка табла за такси возилата.

„Со мерката за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила се предвидува да се субвенционираат 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво. Мерката за субвенционирање на купување нови возила со одјава на старо возило има цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително да се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух. Се предвидуваат субвенции од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на ново возило и во првата година се предвидува да бидат опфатени над 200-500 возила“, истакна министерот Бектеши.

Во однос на категоризацијата на возилата, како што истакна министерот Бектеши, Министерството за економија ќе пристапи кон изготвување на правилникот во согласност со кој ќе се воведе еколошката налепница за возилата, во согласност со еколошките стандарди. Законот предвидува возачите да ја имаат на своите возила на доброволна база, односно не е обврска на сите граѓани. Бојата на налепниците ќе зависи од категоријата на возилото.

„Првата еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3, на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на ЕУРО 4, 5 и повисоко. Втората еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3, а третата еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови“, информираше Бектеши, додавајќи дека во периодот на високо загадување, со одлука на општините, и граѓаните кои ќе можат да влегуваат во тие општини ќе мораат да имаат зелена налепница.

„На барање на здруженијата за автотакси превоз се воведуваат жолти таблици за такси возилата со цел да се постигне ред во такси превозот, односно да се препознаваат лиценцираните и регистрираните такси возила за да се спречи нелојалната конкуренција во оваа дејност, односно забрана за вршење на нерегистрирана дејност. Исто така се воведува и унифицирана светлечка табла за такси возилата“, информираше министерот Бектеши.

Субвенционирањето се очекува да започне од почетокот на следната година, но можно е и порано ако се обезбедат средства со најавениот ребаланс на буџетот.

М.В