Презентирани новините во Законот за попис на населението
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, и заменик-директорот, Зирап Адеми, се обратија на редовната владина прес-конференција за да го презентираат Законот за попис на населението.
Директорот Симовски рече дека 16 години Република Северна Македонија има недостиг од квалитетни статистички податоци и дека со овој нов закон се овозможуваат услови за реализација на независна статистичка операција, со којашто ќе се прибават квалитетни географски, демографски, економски, карактеристики за лицата со посебни потреби, како и образовни, етничко-културлошки, миграциони, религиозни карактеристики за населението, домаќинствата и граѓаните во Република Северна Македонија.
Преку овој закон се предвидени сите чекори на пописот којшто ќе се одржи од 1 до 21 април 2020 година како исклучиво статистичка операција со којашто ќе раководи Државниот завод за статистика.
„Законот за попис на населението, домаќинствата и становите има цел да ги дефинира сите чекори што се преземаат за оваа статистичка операција. Она што е важно е дека оваа операција според овој закон ќе биде исклучиво статистичка операција, строго професионална операција, спроведена од Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања. За разлика од претходните пописи, овој попис ќе има неколку новини. Главната новина е што ќе се спроведува со т.н. комбиниран метод, нешто што досега не било пракса во Република Северна Македонија, а било пракса во други земји. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод – интервју лице в лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци што се наоѓаат во државата. Овој метод овозможува многу побрзо и поквалитетно прибирање на податоците“, рече директорот Симовски.
Директорот Симовски рече дека втората важна разлика е што овој попис ќе се спроведува со електронски прашалници и со користење на ИТ-технологијата и дека покрај податоци за лицата, ќе се собираат и податоци за домаќинствата, семејствата, становите и зградите во Република Северна Македонија.
„Пописот ќе се реализира на начин што целокупната територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни реони, во коишто ќе се формираат т.н. регионални пописни комисии кои имаат функција да овозможат логистика на целокупната операција. Во оваа статистичка операција ќе учествуваат околу 6.000 лица, околу 5.000 попишувачи, околу 500 реонски инструктори и околу 200 државни инструктори и членови на комисиите. Пописот за разлика од претходниот, којшто не успеа, ќе ги опфаќа сите лица како единици на попис, вклучувајќи ги лицата коишто се присутни во земјата, но и лицата коишто се отсутни од државата, со тоа што цело време ќе се почитуваат пропишаните стандарди на статистичката служба на ООН и Евростат, категории на населението, дефинирањето на тие категории и слично, и тука нема да има никакво отстапување. Попишувањето на лицата што живеат надвор од државата ќе биде малку поспецифично, со можност за самопопишување на посебна веб-апликација“, информираше Симовски.
Директорот Симовски рече дека пописот ќе чини 8,5 милиони евра. Дел од средствата ќе се искористат оваа година за подготовка на апликативното решение и за набавка на опремата. Резултатите од пописот ќе бидат достапни 6 месеци по завршувањето.
Утврден текстот на Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите
Објавен текстот на Предлог-законот за попис
Новиот Закон за попис се подготвува во Министерството за правда
М.В