/ Прочитано:

2.855

ПРИБЕ: Некои судии на моќни позиции го злоупотребуваат судскиот систем

Eвропската Унија денеска го објави вториот извештај на експертската група на Прибе во однос на владеењето на правото во Македонија. Во извештајот се подвлекува дека градењето доверба во државните институции мора да биде реизградено. Експертскиот тим нотира дека јавноста сè уште има чувство дека институциите им служат на партиите и функционерите, а не на граѓаните и државата.

„Минимален прогрес е направен во врска со масовниот скандал со прислушувањето и енормното кршење на човековите права и слободи, поврзан со отпочнувањето истраги за оние што грешеле и го кршеле законот. Но, неопходно е овие постапки да се одвиваат што позабрзано и како приоритетни.  Утврдувањето на кривичната одговорност за нелегалното прислушување е од суштинско значење и мора да продолжи да се спроведува“, се вели во извештајот.

Според извештајот, СЈО покажува посветеност и компетентност. Опструкциите на мандатот на СЈО, се посочува во извештајот, го покренуваат прашањето за континуитет што е од суштинско значење за обезбедување на кривична одговорност. Експертската група препорачува СЈО да се припои кон Републичкото јавно обвинителство, како специјализирано одделение. За експертите е спорно и  законското решение за СЈО, особено во делот на кратките рокови за поднесување на обвинение. Експертите нагласуваат дека надлежниот суд не постапува ажурно по предметите што ги добива од СЈО.

Понатаму, во однос на правосудството, експертскиот тим на Прибе упатува и критики кон  судството во смисла на неговата независност. Контролата и злоупотребата на судскиот систем, сметаат експертите, од страна на мал број судии на моќни позиции, со цел да им служат и да ги промовираат политичките интереси, не се намалени на некој значителен начин. Овие судии, се нотира во извештајот  продолжиле да вршат притисок врз нивните помлади колеги преку контролата врз системот на назначување, евалуација, промоција и дисциплина. Таму каде што има докази дека одредени судии несовесно работеле, треба да има одговорност. На сите разрешени судии за докажано несоодветно постапување и несовесно работење треба да им се забрани практикување на право, на кое било ниво.

„Грешките од минатото не треба да се повторуваат и една форма нa киднапирана држава не смее да се замени со друга. Некои активности кои треба да се спроведат во многу блиска иднина неизбежно ќе бидат тест-случаи во овој поглед“, се вели во  извештајот.

Во извештајот за македонското Собрание се вели дека е исклучително важно  функционирањето на парламентот меѓу сите политички чинители и дебати по системски важните прашања. За експертската група, Комисијата за изборите и именувањата има суштинска улога во поставувањето на независни личности и професионалци, кои ќе ги контролираат владините и државните тела и органи, особено во областа на судството. Во извештајот е забележано и дека СЈО мора да продолжи со работа, бидејќи е од „суштинско значење да продолжи кривичното гонење на одговорните за нелегалното прислушување“.

Владата на Република Македонија ја поздравува работата на експертската група на Рајнхард Прибе за системски прашања од областа на владеењето на правото и на вториот Извештај, објавен денеска, гледа како на продолжение на Извештајот на Прибе во 2015 година.

„Денешниот извештај кој се однесува на периодот јуни 2015 – јуни 2017 беше изготвен во целосна соработка на сите државни институции со експертската група предводена од Рајнхард Прибе. Го поздравуваме заклучокот на групата наведен во извештајот за позитивната промена во политичкиот контекст и согледаната поголема посветеност од страна на институциите за проактивно решавање на политичките предизвици и преземање одговорност.

Сметаме дека извештајот на Прибе објавен денеска дава реална слика за системските и долгогодишни предизвици кои оваа Влада ги наследи по преземањето на власта во јуни 2017 година, затекнувајќи „заробена држава“.

М.В