/ Прочитано:

402

Придонес на парламентарната соработка за унапредување на човековите права и родовата еднаквост

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието, заедно со Вестминстерската фондација за демократија (WFD) и мрежата ХУГЕН (Мрежа на комисии за човекови права и родова еднаквост во Западен Балкан), ја организираше Третата годишна конференција на мрежата ХУГЕН, која се одржа на 15  и 16 март во Скопје.

Поздравно обраќање во име на Собранието, имаше Гордана Сиљановска-Давкова, која се заблагодари за повеќегодишната поддршка, која оваа фондација ја дава преку ХУГЕН мрежата на парламентарните комисии од регионот.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот беше еден од говорниците на панелот на тема: Потребата од парламентарната соработка со независните институции со цел унапредување на човековите права во регионот на Западен Балкан. Халил Снопче ја фокусираше својата дискусија во насока дека во земјава постои недостаток на почитување и обезбедување, па дури и кршење на основните човекови права поради отсуството на независноста кај јавните институции, кои се должни да ги заштитат основните човекови права и слободи на граѓанинот. Во однос на работата на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права на граѓанинот, пратеникот истакна дека Комисијата има потреба од поголема кохезија во однос на својата работа и потреба од инклузивност во законите кои се носат, а се од природа на заштита на човековите слободи и права на граѓанинот.

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, говореше и на панел-дискусијата на тема: Политичка партиципација на жените во текот и надвор од изборниот процес во регионот на Западен Балкан. Таа на почетокот од своето излагање даде историски преглед на воведувањето на квоти за помалку застапениот пол, која резултираше со 50 жени пратенички во сегашниот мандатен период. Според неа, да не беа квотите и да се чекаше на една патријахална политичка култура како што е нашата, ќе ни беше потребен половина век да го постигнеме овој резултат. Исто така, таа потенцираше колку е тешко да се индентификувате со парламент, којшто сѐ уште немал жена претседателка, како и со влада која сѐ уште немала премиерка, а тешко е и да влезете во претседателската трка, доколку не сте имале жена за претседателка, но најтешка е ситуацијата во политичките партии, каде има само една жена претседателка. Таа се осврна и на поделбата на функциите во судството, високо образовните институции и во владата од родов аспект. Во однос на распоредот на силите во Собранието, нагласи дека имаме генерална секретарка, а исто така во собраниската служба има повеќе вработени жени отколку мажи. На крајот, Сиљановска-Давкова даде кратка анализа и на составот на собраниските комисии, делегации и пратенички групи за соработка од родов аспект и посочи дека за да се подобрат состојбите, меѓу другото, важно е да се пополни новото систематизирано место за родов советник.

На крајот од денот, членовите на мрежата ХУГЕН одржаа втор работен состанок со претставници на Австрискиот парламент на тема: Превенција на трговија со луѓе и спречување на родово засновано насиство.

Мрежата ХУГЕН ја сочинуваат 15 работни тела за човекови права и родова еднаквост од осум парламенти од регионот на Западен Балкан. Оваа регионална парламентарна мрежа е формирана како неформална парламентарна мрежа, на доброволна основа и принципи, во октомври 2019 година. Соодветни членови од осум парламенти на Западен Балкан, кои учествуваат во мрежата ХУГЕН, земаа учествуво на Третата годишна конференција на мрежата.