/ Прочитано:

632

Прифатена гаранцијата од над 11 милиони евра за Сашо Мијалков

Апелациониот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро со што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, излегува од притвор. Гаранцијата над 11 милиони евра се состои и во недвижен и подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега и откако ќе биде приложена финансиска гаранција со која мерката притвор се преиначува во мерки за претпазливост, односно одземање на пасош и обврска да се јавува во суд.

Според министерот за правда, одлуката на Апелациониот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите.
„Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност.
Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да и објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука“, изјави министерот за правда.