/ Прочитано:

1.624

Прифатена иницијативата на синдикатите недела да биде неработен ден

 

Владата ја прифати иницијативата денот недела да биде прогласен за неработен ден. Го задолживме Министерството за труд и социјална политика, посочуваат од Владата, во рок од 15 дена да достави законско решение за ова прашање.

Во услови на светска здравствена криза предизвикана од коронавирусот ковид- 19, се покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

„По пат на социјален дијалог со Владата на Република Северна Македонија успеавме да го обезбедиме ова право на работниците.

Ова решение е во интерес на граѓаните. Недела треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време за секој граѓанин на кој му е тоа потребно, ден за семејството, ден за себе“, нагласуваат од ССМ.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, истакнува дека во насока на заштита на работничките права и обезбедување на баланс помеѓу работата и семејството, ССМ во изминатиот период повеќепати предлагал ден на неделен одмор да биде недела.

ССМ смета дека прифаќањето на предлогот од страна на Владата претставува одличен пример за унапредување на работничките права преку создавање на правна рамка за почитување на демократските вредности.

М.В