/ Прочитано:

2.116

Пријавувањето на новороденчиња во Скопје ќе биде на едно место, а изводот ќе се добива за пет дена

Од 1 јануари раѓањето на новороденче на територијата на Скопје ќе се пријавува само во скопското подрачно Одделение на Управата за водење матични книги, поранешна Комерцијална банка, а изводот од матичната евиденција ќе се издава во рок од пет дена и ќе може да се подигне во месните општински канцеларии во целата држава, информираше денеска директорот на Управата за водење матични книги Ѓоко Котевски.

„Станува збор за реформа во матичната евиденција. Исто така, продолжува проектот „Добре дојде бебе“, со кој родителите имаат можност да го пријават раѓањето уште во болницата и таму да го добијат изводот“, истакна Котевски.

„Со оваа реформа ќе се овозможи на едно место да се изврши бесплатно пријавување на раѓањето на новороденчињата од петте родилишта во Скопје: Гинеколошко акушерската клиника (ГАК) – Скопје, Мајка Тереза – Чаир, Св. Лазар, Систина и Ремедика, а не како досега во општините каде што се овие здравствени установи. За пријавување е неопходно еден од родителите да дојде на шалтерите за водење матични книги во скопското подрачно Одделение на Управата, при што треба да приложи две важечки лични карти, венчаница или изводи за родени од двајцата родители. Со пријавувањето во подрачното Одделение на Управата, првиот извод на новороденчето ќе може да се подигне во која било месна канцеларија на територијата на Град Скопје или на територијата на државата. Поднесувањето на првиот извод од матична книга на родени е 150 денари и новината е поврзана со реформата на јавната администрација ‘Една точка на услуги’“, образложи Котевски.

Гарантиран е рок од пет дена од поднесувањето до издавањето извод, посочи Котевски.  Многу граѓани, додаде тој, се жалеа дека за овој документ во некои месни канцеларии на Град Скопје се чека десет или 20 дена. Во  подрачната канцеларија на Управата има поброен кадар и од едно место ќе се даваат барањата до МВР  и  изводите ќе се издаваат во рок од пет дена. Според информациите на Управата за матична евиденција, годинава на територијата  на Скопје се родиле 10 900 новороденчиња, од кои во ГАК Скопје се родиле 4 700 новороденчиња, а во Мајка Тереза Чаир 3 850.

M.В