/ Прочитано:

1.640

ПРИМЕНА НА АДВОКАТСКИ ЗНАЕЊА ЗА ВЛЕЗ ВО ФИНАЛЕ: Успех на македонските студенти по право на меѓународен натпревар во Загреб

Македонски студенти по право обезбедија влез во финалето на реномиран меѓународен натпревар кој се одржа во Хрватска. Беше едно навистина многу интересно и едукативно искуство, а успеавме да влеземе во финале кое ќе се одржи во средината на декември, велат за Академик, македонските студенти по право – учесници на натпреварот.

Големиот натпревар кој се одржа во Загреб, за првпат беше од меѓународен карактер, и на него учествуваа студенти, адвокати и професори/асистенти од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. „Big Deal“ е натпревар од областа на деловното право, наменет за студенти по правни студии и неговата цел е пренесување на знаење од областа на деловното право низ практична едукација.

Најдобрите студенти по право од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и од Босна и Херцеговина имаа можност да ги презентираат своите знаења кои опфаќаат работа на правна анализа, документирање на замислено трговско друштво, изработка на извештај за правната анализа и преговори за изготвување договор за пренесување на удел. На натпреварот воедно се реазилзираше и симулација на трансакции преку кои се спроведуваат статусни промени на трговско друштво, нешто што е предвидено да се спроведе во финалето.

На овој начин студентите имаа можност да се соочат со одредени проблеми кои се случуваат во правно-деловната пракса и да ги решат во реални услови, а во заокружувањето на своето знаење им помогнаа искусни адвокати кои ги споделија своите знаења со студентите како брзо и лесно да се подготват во спроведување на трансакцијата и да се здобијат со познавања и практични искуства.

Натпреварот е резултат е на соработката меѓу адвокатските кацеларии од различни држави од регионот, кои претежно работат во областа на деловното право. Проектот „Big Deal“ е во организација на регионалната мрежа на адвокатски канцеларии „Top-tier Legal Adriatic“, а едукативниот дел за македонските студенти го подготвува македонското адвокатско друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“, од каде што истакнуваат дека од големо значење за ваквиот натпревар е можноста да се работи со искусни адвокати.

„Целта на натпреварот Big Deal беше изработкана Legal Due Diligence Report, како и Draft Share Purchase Agreement, кои подоцна ги елабориравме и одбранивме пред комисијата составена од адвокати од повеќе држави. Беше едно навистина многу интересно и едукативно искуство, а успеавме да влеземе во финалето кое ќе се одржи во средината на декември“, велат студентите Васка Бојаџи, Сара Кајевиќ, Ванче Камчев и Вилдан Дрпљанин, кои го постигнаа големиот успех на натпреварот.

Ментори на студентите од Правниот факултет беа адвокатите Емилија Ќелешоска – Шољаковска и Ана Хаџиева – Ангеловска од адвокатската канцеларија „Дебарлиев Дамески & Ќелешоска“, како и м-р Петар Димитров и д-р Биљана Петревска од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

„Почнувајќи од мај, студентите со своите ментори од адвокатското друштво Дебарлиев, Дамески, Келешоска и од Правниот факултет „Јустинијан Први“ работеа на документирање на замислено трговско друштво, правна анализа на преземање (legal due diligence), изработка на извештај за правната анализа (due diligence report) и изготвување на договор за пренос на удел (shareholder purchase agreement)“, велат од адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“.

„Овој натпревар им овозможува на најдобрите студенти од регионот да учат непосредно од искусни адвокати и да се стекнат со уникатни вештини и практично искуство од областа на деловното право. Студентите се соочени со реалистична симулација на професионалните предизвици со коишто се среќаваме во нашата секојдневна работа. Четрите најуспешни тимови од правните факултети во Белград, Загреб, Љубљана и Скопје се изборија за место во финалето коешто ќе се оддржи во средината на Декември. На студентите од Правниот факултет “Јустинијан Први” и на менторите им посакуваме успех во финалето“, вели адвокатката  Емилија Келешоска Шољаковска, еден од основачите на адвокатското друштво .

ПРЕКУ АДВОКАТСКИТЕ ЗНАЕЊА ДО ВЛЕЗ ВО ПРОФЕСИЈАТА: Македонски студенти на меѓународен натпревар по деловно право

М.В / veljanoskim@akademik.mk