/ Прочитано:

1.666

Примената на анализата „Монте Карло” во деловното право и во справувањето со правните ризици

Доколку ја разберат и ја применуваат симулацијата „Монте Карло“, адвокатите можат да бидат во голема предност во работата со своите бизнис-клиенти и во предвидувањето на правните ризици кои можат да се појават во работењето. Кога станува збор за предвидувањето на правните ризици, примената на оваа анализа носи повеќе предности бидејќи може да му ги предочи на адвокатот големиот број на веројатни резултати.

Илустрација, пишување, адвокати

Финансиите и финансирањето се важен елемент во бизнис-трансакциите во денешниот модерен деловен свет, од вршење на основна продажба до градење на голема корпорација. Голем дел од адвокатите кои имаат специјализирано во областа на деловното право се фокусираат конкретно на финансиите и на соработката со големите компании. Во таа соработка честопати доаѓа до мешање на работите и поимите бидејќи и адвокатите и бизнисмените зборуваат со своја терминологија и работите во деловниот однос ги гледаат секој од својата перспектива, правничка или економска.

Бизнисмените се фокусираат на профитот, на идните трансакции, на вреднувањето на бизнисот, додека пак адвокатите се насочуваат на правниот ризик со кој се соочува таа компанија и со следењето на регулативата поврзана со деловното право. Сопствениците на компаниите често претпочитаат да вршат вреднување на работата на нивниот бизнис вклучувајќи прогнозирање и соодветно планирање на идните инвестиции.

Следствено на тоа планирање, задачата на адвокатите е да ги предвидат правните ризици во тој процес и навремено да им ги предочат на своите корпоративни клиенти. Кога нивната соработка се соочува со тешкотии во планирањето, анализата „Монте Карло” ја наоѓа својата примена. Имено, оваа анализа претставува симулација која како алатка често се применува во финансиите и во економијата. Оваа техника, именувана според областа Монте Карло во Франција, најпрво била применета во правењето на атомските бомби, а подоцна нашла и своја примена во одредувањето на цените врз основа на бројни комбинации на цифри и создавање на хипотетички сценарија за ситуации во разни бизнис-околности. Оваа техника е релевантна кога се применува во справувањето со тешкопроценливи ситуации во бизнисот и со работи каде што постои широк опфат на можни решенија.

Илустрација учење

Доколку ја разберат и ја применуваат симулацијата „Монте Карло“, адвокатите можат да бидат во голема предност во работата со своите бизнис-клиенти и во предвидувањето на правните ризици кои можат да се појават во работењето. Кога станува збор за предвидувањето на правните ризици, примената на оваа анализа носи повеќе предности бидејќи може да му ги предочи на адвокатот големиот број на веројатни резултати.

Симулацијата го покажува не само она што може да се случи во одредена постапка туку и да ги предвиди резултатите што произлегуваат од неа. Ова е голема предност за адвокатите во случаите кога треба да му ги претстават на клиентот сите правни ризици и правните ситуации кои можат да му нанесат штета на бизнисот.  Со оглед на оваа обемна анализа и планирањето на правните ризици за клиентот, адвокатите се во предност во однос на трошоците што ги имаат и што треба да ги наплатат од корпорацијата и бидејќи однапред ќе можат да ги посочат трошоците што можат да се појават при судските рочишта, доколку е потребно да се одржат, како и трошоците на клиентот за идни правни советувања поврзани со неговиот бизнис, а кои се основани од анализата за правните ризици за неговата компанија.

Адвокатите што се занимаваат со деловно право можат да им даваат совети на своите клиенти во преговорите со други правни лица и да ги осигурат во сите следни чекори што треба да ги преземат тие во водењето на бизнисот, а сето ова можат да го направат врз основа на анализата „Монте Карло” која треба да ја подготват во соработка со економисти за да му се испорачаат на клиентот најдобрите можни резултати.