/ Прочитано:

3.121

Принципите на меѓународното хуманитарно право и мисијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Денеска на глобално ниво се одбележува 8 Мај - Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

„Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без каква било пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно. Целта на движењето е да ги заштити животот и здравјето и да го почитува човекот. Промовира заедничко разбирање, пријателство, соработка и траен мир меѓу сите луѓе. Не прави дискриминација врз основа на национална, расна, верска и класна припадност или политичко убедување. Настојува да ги олесни страдањата на поединците, водејќи се исклучиво од нивните потреби, но давајќи приоритет на најитните случаи“, велат од Црвениот крст на Македонија.

Историјатот на Црвениот крст започнува со името на швајцарскиот трговец Анри Динан  во 1859 год., кој како трговски патник одејќи низ Италија бил сведок на ужасите од битката кај Солферино, како дел од Австро -сардиниската војна.

При оваа битка, околу 40.000 војници на двете страни загинале или останале ранети на бојното поле. Гледајќи го големото страдање на војниците ранети во битката, Динан неколку дена се посветил на помагање и лекување на ранетите. Поттикнат од желбата да им помага на луѓето кои страдаат во војните, Динан заедно со четворица угледни пријатели, во Женева, Швајцарија формирал Меѓународен комитет на Црвен крст и го регистрирал со заштитен знак црвен крст на бело поле (обратно од обележјата на државното знаме на Швајцарија).

Тогаш била донесена Конвенција од 10 члена и била прокламирана мисијата на движењето:

„Да го спречи и ублажи човековото страдање каде и да е, да ги заштити животот и здравјето, да обезбеди почит и достоинство за човековото битие, особено во време на оружени конфликти, несреќи и катастрофи, да работи на превенција на болестите и унапредување на здравствената и социјалната добросостојба на луѓето, да поттикне доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост“.

Клучните активности на Црвениот крст и Црвената полумесечина денес се: помош на жртвите во оружени судири; евакуација и медицинска помош на жртвите во катастрофи и грижа за бегалците во други земји. Целите на мисијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина ги подразбираат и целите на меѓународното хуманитарно право како збир на правила, кои од хуманитарни причини имаат за цел да ги лимитираат ефектите од оружените конфликти.

Македонскиот Црвен крст е формиран на 17 март 1945 година. Црвениот крст на Република Македонија е признат како национално друштво на Црвен крст од Меѓународниот комитет на Црвениот крст на 1.11.1995, а на 27 ноември 1995 година станува полноправен член на Меѓународната федерација на националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како 169. членка на меѓународното движење. Како битни услови за признавање на националното друштво Црвен крст на Република Македонија се: прифаќање на Женевските конвенции од 12 август 1949 и Дополнителни протоколи од 1977, како и спроведување на Законот за Црвениот крст на Република Македонија.

Основната замисла на Женевските конвенции е заштитата на сите оние луѓе што не учествувале или не се веќе активни во воени судири. Принципите на меѓународното хуманитарно право имаат универзална важност. Сепак, велат од  Меѓународниот комитет на Црвениот крст, нивното опстојување не е засекогаш загарантирано и бара постојан напор. Правото што постојано се крши без тоа да предизвика јасна реакција ризикува да ја изгуби својата важност со текот на времето. Последиците за жртвите од оружените конфликти кои би настанале не можат ниту да се замислат.

Црвениот крст на Република Македонија е единствена организација на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат организациите на Црвениот крст на општините и градот Скопје. Црвениот крст на РМ не претставува здружение на граѓани, но е доброволна, масовна, самостојна, невладина, непартиска и независна хуманитарна организација на граѓаните на Република Македонија.

Положбата и задачите на Црвениот крст, употребата и заштитата на амблемот и името на Црвениот крст, како и начинот на финансирање на задачите на Црвениот крст се уредени во посебен закон – Закон за Црвениот крст на Република Македонија („Сл. весник“ бр.41/94). Со Статутот на Црвениот крст на РМ поблиску се уредени поставеноста и структурата на организацијата, како и основните цели и задачи и тој е во согласност со Статутот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

„Црвениот крст своите цели и задачи ги остварува врз основа на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единственост и универзалност, како фундаментални принципи на меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина“, се вели во Законот за Црвен крст.

М.В