/ Прочитано:

1.028

Пристапот до правда во годишниот извештај за родова еднаквост

Годишниот извештај за спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост е пред пратениците. Спроведувањето на оваа стратегија треба да овозможи конкретни достигнувања преку тековните општествени процеси насочени кон промовирање, зајакнување и спроведување на родовата еднаквост и остварување на еднаквост на жените и мажите како меѓусекторски, хоризонтален и универзален социјален и политички приоритет. Меѓу другото, во стратегијата се даваат податоци и за прашањето на пристапот до правда.

Пристапот до правдата се подобрува преку зајакнување на правото на бесплатна правна помош, како програма преку која може да се согледаат родово сензитивните потреби на одредени маргинализирани категории на граѓани.

Бесплатна правна помош

Граѓаните кои се со незавидна финансиска положба можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Министерството. Бесплатната правна помош граѓаните можат да ја добијат за имотноправни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви на семејно насилство, за остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании, но и за други потреби. Во согласност со Законот за бесплатна правна помош, се предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош.

Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда или од подрачните одделенија кои ги има по градовите во внатрешноста на државата. Примарна правна помош даваат овластени здруженија. Досега се регистрирани седум вакви здруженија. Примарната правна помош се состои од давање на општ правен совет, општа правна информација, помош при составување на барање за бесплатна правна помош.

Секундарната правна помош ја даваат адвокатите и таа се состои од застапување во граѓански судски постапки, во управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар, составување поднесоци на должник пред извршител и сл.

Министерството за правда изготвува годишен извештај со основните информации на кои се заснова правото на бесплатна правна помош.

Механизми за заштита

Во текот на 2019 година Народниот правобранител постапуваше по вкупно 4.705 претставки, од кои 3.453 од извештајниот период, а останатите 1.252 беа пренесени од претходната година. Најголем број претставки – 2.158, беа доставени лично од подносителите во канцелариите на Народниот правобранител, по пошта – 605, по електронска пошта – 313, преку веб-страницата – 268, по телефонско јавување – 70, по телефакс – 2, а 37 претставки се формирани по сопствена иницијатива.

Од вкупно 3.453 примени претставки во 2019 година, најголем број – 1.455 или 42,14%, се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 1.104 или 31,97% се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, во 356 претставки или 10,31% се повредени правата од страна на локалната власт, во 215 претставки или 6,23% се повредени правата од страна на правните лица, во 25 претставки или 0,72% имаше повреда на правата, како од централната, така и од локалната власт, а во 298 претставки или 8,63% подносителите се жалат на повреда на правата од други субјекти.

Споредбено со податоците од 2018 година во извештајната година се забележува за повеќе од 50% зголемен број на поднесени претставки од областа на правата на детето, потрошувачките права и избирачките права, а во делот на станбената област има намалување за повеќе од 50%.

Од 3.454 завршени предмети по кои Народниот правобранител презеде дејствија, во 1.187 или 34,37% констатира повреда на човековите слободи и права, и интервенираше со цел отстранување на повредите, односно остварување на правата на граѓаните подносители. Додека, во 2.267 или 65,63% по преземените мерки и дејствија за испитување на наводите од претставката не е констатирана повреда на човековите слободи и права, и следствено постапката е запрена. Поточно, во 1.968 или 86,81% случаи постапката е запрена затоа што не се констатира повреда на правата, во 97 или 4,28% подносителот не покажал интерес за натамошно водење на постапката, во 86 или 3,79% подносителот во меѓувреме го остварил своето право, во 62 или 2,73% подносителот ја повлече претставката, во 49 или 2,16% во текот на постапката по претставката подносителот повел судска постапка, а во 5 или 0,22% подносителот починал, а неговите наследници не барале продолжување на постапката.

М.В