/ Прочитано:

1.134

Привремената Комисија за следење на изборите при Јавното обвинителство се сретна со граѓанските организации што ги следат изборните процеси

Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите информации објавени во медиумите и при евентуални известувања за изборни нерегуларности ќе формира предмети и по допрен глас.

Јавно обвинителство на Република Македонија на средба со граѓанските организации кои ги следат изборите

Привремената Комисија за следење на изборните процеси, која беше формирана пред десетина дена од Јавното обвинителство на Република Македонија, и граѓанските организации што ги следат изборните процеси во земјава, на денешната средба го договориле начинот на меѓусебното комуницирање.

Целта на средбата била да се утврдат активностите кои ќе ги преземаат привремената Комисија и граѓанските организации, а во насока на превенирање и постапување по противзаконските дејствија што евентуално би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборниот процес на 5 јуни 2016 година.

„На состанокот, Комисијата ја промовираше електронската адреса на која граѓанските организации, но и граѓаните, воопшто, ќе можат да пријавуваат секакви сомневања за сторени кривични дела поврзани со изборите: izbori@jorm.gov.mk. Оваа адреса веќе е во функција, а сите пријави испратени на неа веднаш ќе бидат проследени до Комисијата, која предметите ќе ги упатува на итно постапување кај надлежен јавен обвинител“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Дополнително, додаваат оттаму, Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите информации објавени во медиумите и при евентуални известувања за изборни нерегуларности ќе формира предмети и по допрен глас.

Комисијата беше формирана пред десетина дена во насока на заштита од криминални или други против законски дејствија и заради превентивно дејствување за време на предвремените парламентарни избори.

Членови на Комисијата се јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Македонија, од четирите виши јавни обвинителства и од Основното јавно обвинителство – Скопје. Членовите на Комисијата се задолжени да го следат изборниот процес и притоа да даваат задолженија за итно постапување од страна на надлежните обвинителства за сите настани за кои ќе оценат дека даваат индиции за евентуално сторени изборни нерегуларности.