/Прочитано:

2.130

ПРОБАЦИСКА СЛУЖБА: Електронски алки за лицата со изречена казна куќен затвор или мерка притвор

Покрај активностите кои се преземаат за зголемување на сместувачките капацитети преку изградбата на нови казнено – поправни установи и подобрување на материјалните услови во затворите, Управата за извршување на санкции истовремено работи и на воспоставување на пробациска служба во Република Македонија која во голема мера ќе придонесе кон намалување на пренатрупаноста во затворите, вели за Академик Лидија Гаврилоска, Директор на Управата за извршување на санкции.

Директорката на Управата за извршување на санкции за Академик објаснува во која насока би се одвивало воспоставувањето на пробациската служба, но првенствено истакнува дека системот за извршување на алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик од 2004 година се покажал како нефункционален во пракса.

Воведувањето на пробацискиот систем е приоритет

„Приоритетна активност на Министерството за правда – Управа за извршување на санкции во изминатиот период е преземање на системски мерки и активности за воспоставување на посебна пробациска служба која ќе биде надлежна за извршување на алтернативните мерки на казнување, по примерот на повеќе европски држави каде овие пробациски служби имаат голема улога во процесот на ресоцијализација на лицата на слобода (во заедницата). Функционирањето на пробациските служби во сите земји каде што се воспоставени, покажуваат исклучително добри резултати во намалувањето на затворската популација, подобрување на ресоцијализацијата на осудените лица и намалување на рецидивизмот“, нагласува Гаврилоска.

Да се намали преполнетоста во затворите

Директорката Гаврилоска објаснува дека со воспоставувањето на пробациски систем во Република Македонија ќе се постигнат повеќе придобивки за намалување на преполнетоста во затворите.

Според анализите на Управата, со пробациската служба ќе се оствари намалување на повторот и спречување на криминалната инфекција; намалување на трошоците за извршување на санкции; донесувањето на соодветни одлуки од страна на судовите со соодветни казни за осудените лица (Воспоставување на систем за проценка на ризик на обвинетите лица уште во текот на судската постапка); практична имплементација на алтернативните мерки на казнување и ефикасен надзор на лицата кои се условно отпуштени или на кои им е изречена условна осуда со заштитен надзор и успешно извршување на куќниот затвор и мерката куќен притвор преку електронско следење на лицата на кои им се изречени.

Стратегија за развој на пробациската служба во Република Македонија

Инаку, од страна на Управата за извршување на санкииите во соработка со Британската Амбасада изработена е Стратегија за развој на пробациската служба во Република Македонија која на 29.06.2013 година е усвоена од Владата на РМ.

Со оваа Стратегија прецизно се дефинирани стратешките цели и активности за воспоставување на одржлива пробациска служба во државата и која ќе ги оствари целите на нејзиното воспоставување.

Електронски мониторинг на лицата на кои ќе им биде изречена казна куќен затвор или мерка притвор

Меѓудругите надлежности пробациската служба согласно Стратегијата ќе биде надлежна за организирање, извршување и надзор на извршувањето на алтернативните мерки вклучително и на електронски мониторинг на лицата на кои ќе им биде изречена казна куќен затвор или мерка притвор. Електронскиот надзор обезбедува мониторинг и извршување на забрана од напуштање на живеалиштето/престојувалиштето на лицето на кое е изречена мерката притвор/затвор како алтернатива на притворот/затворот.

Подготовка на Закон за пробација и подзаконски акти

„Најзначаен Проект со кој се создадени реални основи за да може пробациската служба во Република Македонија да се воспостави и да профункционира е ИПА Проектот 2010 насловен како понатамошна поддршка за независно, одговорно, професионално и ефикасно судство и промоција на пробациската служба и алтернативното санкционирање. Овој Проект е составен од две компоненти. Во рамките на втората компонента опфатени се клучните, основните активности потребни пробациската служба да биде воспоставена и да почне да фунционира, како што се: Подготовка на Закон за пробација и подзаконските акти; Воспоставување на пробациската служба овластена за нзвршување и надзор на спроведувањето на аптернативните мерки; обезбедување на обуки на обучувачи на пробациските службеници за спроведување на обуки за сите работни задачи согласно систематизација на работни места на пробациските службеници; помош за изработка на процедури за работа и други релевантни документи за имплементација на извршувањето на алтернативните мерки како што се домашен притвор и санкционирањето на несоодветно однесување на лица на кои им се изречени алтернативни мерки; набавка и инсталација на алки – трансмитери кои ги носи престапникот и ИТ опрема за извршување на КУЌНИОТ притвор“, истакнуваат од Управата.

Обуки за персоналот 

Исто така, се предвидува и обука на персоналот како обука на вработените во јавните служби, јавните претпријатија и хуманитарните организации (каде во  согласност со законот се извршува општествената работа) со цел да го прифатат престапникот во текот на извршувањето на казната; Обука на професионалната јавност (новинари) за соодветно информирање и промоција на активности за медиумски кампањи за подобрување на перцепцијата за алтернативните мерки. Се подготвува и анализа на потребите и економските можности за обука на осудени лица со цел да се вклучат во производството на одредени продукти  ( на пр. работен ангажман како дел од третманот) и задоволување на одредени потреби на затворските институции.

Се воведуваат електронски алки

„За набавката на електронските алки која ќе се реализира во рамките на ИПА Проектот 2010 обезбедени се дополнителни финансиски средства и од страна на експерт од оваа област веќе е изработен Извештај за проценка на потребите, како и техничките спецификации/тендерска документација за набавка на алките и целокупната потребна опрема за електронски мониторинг. Откако опремата за електронски мониторинг ќе биде набавена истата ќе биде инсталирана. Во однос на временскиот период кога ќе профункционира овој систем истакнуваме дека за да овој систем биде функционален неопходно е да се спроведат активности за специјализирана обука на лица за управување на системот за електронско следење како и специјализирана обука на идните пробациски службеници за користење на системот за електронски мониторинг. Во таа смисла за да функционира системот освен набавката на опремата потребно е да биде донесен Законот за пробација и подзаконската регулатива и да бидат вработени лица во Секторот за пробација – Одделение за електронски мониторинг кое согласно Стратегијата е предвидено да функционира во рамките на Управата за извршување на санкциите“, велат од Управата.

Реализацијата на Стратегијата која опфаќа детални чекори и активности за воспоставување и целосно функционирање на пробациската служба се однесува на четиригодишен период и е поврзано со започнувањето на ИПА Проектот 2010 година кој ќе започне да се реализира на крајот на 2014 година.

Посебна специјализирана служба за пробација – практика во многу правни системи

„Воспоставувањето на пробациски систем во државата е од исклучително значење. Со цел справување со проблемот на казнување во контекст на сложеното и комплексно современо општество јасно е дека борбата против вршењето на кривични дела не може да се потпира само и исклучиво на затворањето односно на затворските казни. Кривично – правниот систем мора постојано да бара нови идеи и решенија преку збогатување на системот на санкции и начините на кои што тие се 1ззршуваат и посебно преку интернационалните широко прифатени алтернативни мерки кои што се развиени и испорачани од страна на пробациската служба. Развојот и примената на санкции во рамките на заедницата кои што се менаџирани од страна на посебна специјализирана служба за пробација се надалеку најмногу раширени и најважни во многу национални правни системи“, истакнува Гаврилоска.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

28. 11 2014