/ Прочитано:

10.585

Проблемот со „копање“ на биткоини во ГТЦ, всушност, е проблем на функционирање на правната држава – адвокат Љупчо Кузмановски

Љупчо Кузмановски, адвокат

Во изминатиов период многу актуелно беше сознанието дека во Градскиот трговски центар Скопје (ГТЦ) се трошела електрична енергија во енормни количини поради „копање“ на крипто валута-биткоин. Прашањето беше актуелизирано од сопствениците и закупците на деловните простории во ГТЦ, кои се сомневаат дека, во крајна линија, ваквите активности ќе паднат на заеднички (нивен) товар,особено во делот на потрошувачката на електрична енергија.

Менаџментот на ГТЦ, како и МВР, излегоа со свои соопштенија, кои за волја на вистината ништо не открија и во суштина, беа многу недоречени и контрадикторни. Останува да се види како ќе тече понатаму постапката во врска со овој случај. Целта на овој текст е да укаже на суштината на проблемот што сопствениците на деловниот простор во ГТЦ го имаат со АД ГТЦ и од каде што тој произлегува.

Според сознанијата на Здружението на граѓани сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје, АД Градски трговски центар Скопје (АД ГТЦ) е основано според Законот за трговски друштва и со речиси 98% е во сопственост на ЈП за стопанисување со деловен простор Скопје. Деловниот простор во ГТЦ во 61% е сопственост на приватни сопственици, додека на 39% сопственик е АД ГТЦ. Во рамки на ГТЦ се опфатени 4 (четири) згради со 120 станбени единици во приватна сопственост.

Некомерцијалниот простор како скали, ходници, подруми, гаражи и други помошни простории се запишани во засебен имотен лист како сопственост на АД ГТЦ. Ваквиот распоред на сопственоста на станбениот и деловниот простор во ГТЦ подразбира внимателен приод кон управувањето, особено во делот на сервисирањето на потребите на деловните простории и станбени единици во приватна сопственост. Начинот на кој овој простор го управува АД ГТЦ влече корени, поточно по инерција продолжува од периодот кога е изграден ГТЦ, во 1973 година.

Имено, ГТЦ е изграден и пуштен во функција во едно друго државно управување од социјалистички карактер каде што општествената (државната) сопственост беше доминантна и каде што односот кон приватната сопственост и нејзината заштита беше сосема поразличен од денес. Поточно, приватната сопственост беше во подредена положба. Во тој контекст, условите за вршење на дејноста, која денес ја има АД ГТЦ, во споредба со минатото, нема големи промени,и покрај промената на уставното уредување и донесените закони со кои е регулирана оваа област на сосема поинаков начин од претходно.

Всушност, неусогласеноста на работењето на АД ГТЦ со важечката законска регулатива, како и со Уставот на Република Македонија од неговото донесување во 1991 година до денес, претставува основниот проблем и пречка за решавање на проблемите во ГТЦ. Затоа, полека но сигурно, ГТЦ како симбол на градот Скопје го губи своето значење и заостанува во поглед на неговата атрактивност и привлечност во однос на новите содржини од понов датум.

Или, со други зборови, ГТЦ не го следи чекорот со времето и промените што тоа ги носи. Таквата состојба нема да се промени доколку продолжат несогласувањата, пред сė, меѓу сопствениците на деловните простории во ГТЦ и менаџментот на АД ГТЦ, ниту објектот ќе може да привлече нови инвестиции или заинтересирани купци. Суштината на овој судир, како што е нагласено погоре, е во примената на законите, поточно решението може да го донесе само почитувањето на правото или владеењето на правната држава. Еве и зошто.

Со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, извршена е промена на уставниот поредок во државата и правото на сопственост како основно стварно право е загарантирано на највисоко ниво, како темелна вредност на Уставот. Како такво, правото на сопственост, како и правата што произлегуваат од сопственоста не можат да бидат одземени или ограничени, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон. Во исто време, Уставот налага сопственоста, сепак, да служи за доброто на поединецот и заедницата, со што е надминат строго индивидуалистичкиот коцепт на поимање на сопственоста. Или со други зборови, сопственоста носи права, но создава и обврски.

Во таа смисла, по донесувањето на Уставот од 1991 година, донесени се повеќе законски текстови кои се во насока на операционализација на уставните одредби за сопственоста и имаат за интенција да го хармонизираат правото на приватна сопственост и да го канализираат во смисла да биде ставено во функција на доброто на поединецот и заедницата. Во случајот на ГТЦ, според сопствениците на деловниот простор во ГТЦ, АД ГТЦ нема намера да ја усогласи својата работа согласно со важечкиот устав и закони, со што наместо да се постигне целта за хармонизација на приватната сопственост во интерес на поединците (сопствениците) и заедницата (АД ГТЦ), и понатаму продолжува протежирање (монопол) само на заедницата (АД ГТЦ) на сметка на поединците (сопствениците).

Или состојбата во овој дел е иста, дури и полоша во однос на приватните сопственици од времето на претходниот социјалистички уставен поредок. Имено, поединците (сопствениците) не само што не се хармонизирани, туку се потполно подредени на заедницата (АД ГТЦ). Таквата состојба досега, еве веќе 30 години, постојано се толерира од извршната власт и државната администрација, како и од судската власт. Првите не преземаат ништо за да се усогласи работата на АД ГТЦ со позитивната законска регулатива, додека вторите даваат поткрепа на ваквата состојба преку одбивање на секој обид состојбата да се реши преку судските инстанци.

Во што се состои неусоглаеноста во работењето на АД ГТЦ со позитивните законски прописи? Основни се неколку параметри. Некомерцијалниот простор како скали, ходници, подруми, гаражи и други помошни простории кои се запишани во засебен имотен лист, како сопственост на АД ГТЦ, мора да го следат режимот на сопственост согласно со Законот за сопственост и други стварни права, што подразбира тој да биде запишан како заедничка сопственост на сите сопственици на деловни и станбени единици во рамките на ГТЦ.  Запишувањето на овој заеднички простор само во сопственост на АД ГТЦ е огромен пропуст на административните органи кој бил сторен при запишувањето на сопственоста, но кој и понатаму се провлекува, иако е очигледен.

Во делот на управувањето со ГТЦ, нејасно е врз основа на што и врз основа на кој закон или подзаконски акт управувањето е во надлежност на АД ГТЦ. Веројатно и ова е по инерција од времето кога бил изграден ГТЦ во 1973 година. Претпоставката е таква бидејќи согласно со Законот за трговски друштва, ако за одделни дејности со закон е пропишано дека можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или друг акт на државен или друг надлежен орган, тие дејности може да се вршат само врз основа на согласноста, дозволата или друг акт на надлежниот орган.

Во таа смисла, АД ГТЦ врши дејност управување и одржување на заеднички простор (иако таков според запишаното во Катaстарот на недвижности не постои) без лиценца од Регулаторната комисија за домување. Ваква лиценца за оваа дејност е потребна согласно со Законот за домување. Според начинот на кој врши испорака на вода и греење до приватните деловни простории, АД ГТЦ врши дејност со снабдување на вода, како и испорака на топлинска енергија до крајните корисници, иако не поседува лиценца за вршење на овие дејности издадена од Регулаторнатакомисија за енергетика согласно со Законот за снабдување со вода и водни услуги и Законот за енергетика. Дека е во прашање вршење на дејност, може да се утврди доколку се имаат предвид цената и условите по кои АД ГТЦ ги купува водата и топлинската енергија од операторите ЈП „Водовод и канализација“ Скопје и БЕГ-Скопје и цената на испорака до крајните корисници. Имено, АД ГТЦ формира своја цена за крајните корисници надвор од таа утврдена од Регулаторната комисија, што е само еден од показателите дека дејноста ја врши самостојно и надвор од лиценцираниот снабдувач.

На крајот од оваа анализа, доаѓаме до испораката на електрична енергија на крајните корисници, која беше поврзана со „копањето“ биткоини. Имено, како и другите дејности, и испораката на електрична енергија до крајните корисници АД ГТЦ ја врши без соодветна лиценца од Регулаторната комисија за енергетика, согласно со Законот за енергетика. Притоа, на крајните корисници, надвор од правилата утврдени од страна на лиценцираниот снабдувач со електрична енергија, им пропишува посебни услови за испорака и цена различна од набавната. Условите за испорака на електрична енергија одат дотаму што за неплатена која билосметка за вода или греење двапати едноподруго, АД ГТЦ ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија!!??

Во ваква ситуација, при истрагата за потрошената електрична енергија поради „копање“ на биткоини требало да се има предвид ова двојство околу снабдувањето со електрична енергија во ГТЦ, бидејќи евентуалната кражба не можела да се утврди во вкупната количина испорачана од ЕВН, туку во внатрешната распределба до крајните корисници во ГТЦ. Доколку и тоа е воопшто можно, бидејќи АД ГТЦ продава и наплатува електрична енергија без правилник, без сертифицирани броила и без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Затоа, доколку навистина понатамошната истрага е запрена, потрошувачката ќе падне на сите сопственици, како дел од „заедничката“ сопственост која не постои. Но не и на АД ГТЦ, кој е сопственик на „заедничката“ сопственост. Или поточно, наместо виновникот, штетата ќе ја надоместат сопствениците на деловниот простор во ГТЦ.

Затоа правната држава или поточно владеењето на правото преку усогласување на работата на АД ГТЦ со Уставот и со сите погоренаведени закони е единствено и суштинско решение за надминување на настанатата ситуација со „копање“ на биткоини, но и единствена можност за конечно и трајно решавање на односите меѓу приватните сопственици на деловен простор во ГТЦ и АД ГТЦ. Во интерес на ГТЦ и на градот Скопје, се разбира.