/ Прочитано:

982

Озлогласената клиника „Медикус“ доби нов сопственик?!

Среда, 24 април 2013 – Пред самиот крај на судскиот процес за илегалната трговија со органи во Приштина, клиниката „Медикус“ во која се одвивале илегални трансплантации на органи е продадена. Ова е соопштено откако обвинителот на ЕУЛЕКС Џонатан Рател наложи на полицајците на ЕУЛЕКС да вршат надзор на клиниката во близина на Приштина поради информации дека во зградата се забележани нови активности.

Љутфи Дервиши, сопственик на клиниката „Медикус“ и еден од обвинетите за трговија со органи, ја продал клиниката минатата есен, бидејќи, како што посочила неговата одбрана не можел да плаќа данок и сметки за струја.

Рател посочува дека натписот на клиниката е променет од „Медикус“ во „Медицинска клиника“ , а постојат и основани сомненија дека еден или двајца лекари од порано познати на ЕУЛЕКС престојувале на клиниката.

Истражителите ја затворија приватната клиника во 2008 година, во рамки на прелиминарната истрага. Зградата е запленета врз основа на судски налог, а на Дервиши му е забрането да влегува во објектот.

Поранешниот шеф на клиниката и неговиот син, Арбан Дервиши, се двајца од седумте Албанци и двајца странци обвинети за трговија со луѓе, организиран криминал и незаконски медицински активности наводно вршени на клиниката.

На двајцата странци, турскиот лекар Јусуф Сонмез и израелскиот државјанин Моше Харел, им се суди во отсуство.

Според обвинението, на клиниката биле извршени 30 илегални трансплантации на бубрег. Сиромашни лица од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, биле намамени на клиниката со лажни ветувања дека ќе добијат до 15.000 евра за нивните бубрези, што им биле продавани на богати приматели.

Според обвинителството на ЕУЛЕКС во одредени случаи, примателите на органи, плаќале повеќе од 70.000 евра за трансплантација на бубрези.