/ Прочитано:

1.250

Продолжен куќниот притвор на градоначалникот на Битола

„Надзорот над мерката куќен притвор го спроведува МВР на РМ, СВР Битола, а доколку осомничениот не се придржува кон мерката куќен притвор, против него ќе се определи мерка притвор“, се наведува во соопштението на Судот.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје го уважил предлогот на Специјалното јавно обвинителство и му го продолжил куќниот притвор на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, осомничен во предметот „Транспортер“.

Како што информираат од Кривичниот суд, Талески останува во притвор уште 30 дена.

„Надзорот над мерката куќен притвор го спроведува МВР на РМ, СВР Битола, а доколку осомничениот не се придржува кон мерката куќен притвор, против него ќе се определи мерка притвор“, се наведува во соопштението на Судот.

Талески е осомничен за делото злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 ст. 5 в.в со ст. 1 в.в со чл. 22 и сл. 45 од Кривичниот закон.

По првото одредување на мерката притвор, Апелациониот суд одржа јавна седница на која одбраната и СЈО ги презентираа наводите во жалбата и одговорот на жалбата на решението на Кривичниот совет.

Одбраната на Талески тврдеше дека постои повреда на правото на еднаквост на оружјата бидејќи не им биле доставени никакви докази и дека против градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, се води политичка хајка.

Обвинителството пак истакна дека постои опасност осомничениот да го повтори делото, да влијае врз сведоците или да се даде во бегство.

Вчера Талески беше на распит во СЈО два и пол часа. По распитот во СЈО, Талески рече дека случајот што се води против него е наметната политичка хајка врз основа на само еден снимен разговор.

„Тендерите за организирање на училишниот превоз се транспарентни и ние ќе го докажеме тоа“, истакна Талевски по два и полчасовниот распит во Специјалното јавно обвинителство.

Тој и уште 22 лица се осомничени дека го злоупотребиле Буџетот на Република Македонија за 360 илјади евра поради незаконско организирање на училишниот транспорт.

М. С.