Продолжен притворот на балканскиот нарко-бос Кељменди
Среда, 12 јуни 2013 – Судот во Приштина му го продолжи притворот на Насер Кељменди, осомничен за убиства, трговија со наркотици и организиран криминал во Босна и Херцеговина, за уште три месеци.
Портпаролот на европската мисија за владеење на правото, Блерим Красниќи, посочи дека продолжувањето на притворот било по барање на обвинителот на Еулекс од Канцеларијата на специјалното обвинителство на Косово, кој и ја почнал истрагата за случајот„Кељменди“.
Тој додал дека Кељменди е под истрага за многу кривични дела од организираниот криминал за што е обвинет во Босна и Херцеговина.
Во врска со барањето на БиХ за екстрадиција, Красниќи изјавил дека за неговата екстрадиција не решава мисијата на ЕУЛЕКС туку косовското Министерство за правда.
Косовската полиција го уапси Кељменди на почетокот на мај во Приштина, врз основа на потерница од Интерпол, која ја распиша Босна и Херцеговина, кога му беше изречена мерка притвор во траење од еден месец.