/ Прочитано:

1.173

Продолжен притворот за Зоран Божиновски. Предметот дополнително ќе биде распределен во работа

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлогот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за обвинетиот З. Б. , донесе решение со кое го прифати предлогот на Обвинителството и ја продолжи мерката притвор за 30 дена“, информираат од Судот.

Зоран Божиновски

Кривичниот суд го добил обвинителниот акт против Зоран Божиновски поднесен од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Бидејќи постапката за Божиновски се води според стариот Закон за кривична постапка, обвинителниот акт нема да биде оценуван од Судот, туку предметот ќе биде распределен кај судија.

Според обвинителниот акт, Божиновски се товари дека ги сторил кривичните дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик. Обвинителството, исто така, бараше и продолжување на притворот за Божиновски.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлогот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за обвинетиот З. Б. , донесе решение со кое го прифати предлогот на Обвинителството и ја продолжи мерката притвор за 30 дена“, информираат од Судот.

Предметот ќе биде распореден кај судија за понатамошно постапување, за што јавноста ќе биде навреме информирана, додаваат од Кривичниот суд.

Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава на 21.4.2016 година, кога Обвинителството ја продолжи истрагата што беше стопирана поради неговата недостапност на органите за прогонот. Божиновски првично беше опфатен во предметот „Шпион“, но бидејќи беше недостапен, предметот за него беше раздвоен. За „Шпион“ Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда која е обжалена пред Апелациониот суд. Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое во септември, за кога е закажана следната јавна седница, треба да се произнесе за наводите во жалбите на одбраната.

Во врска со предметот за Зоран Божиновски, од СЈО велат дека е сè уште рано да се произнесат дали ќе побараат стварна надлежност и врз овој предмет. Со оглед на тоа што Божиновски бил претходно опфатен во „Шпион“, се претпоставува дека Специјалното јавно обвинителство ќе го побара и овој предмет за да утврди дали е надлежно да постапува по него.

М. С.

Поднесено обвинение против Зoран Божиновски за злосторничко здружување, шпионажа и уцена