/ Прочитано:

2.203

Проектите за јавна инфраструктура во Југоисточна Европа се нарушени поради недостиг од транспарентност и ризик од корупција

Поголемата финансиска поддршка за инфраструктурата во Југоисточна Европа доаѓа од извори на ЕУ и мултилатерални развојни банки. Европската инвестициона банка тврди дека е најголем меѓународен инвеститор, со финансирање од 6,4 милијарди евра од 2006 година, од кои повеќето се посветени на мали и средни претпријатија, но исто така и на инфраструктурни проекти, особено транспорт, велат од организацијата Аналитика.

Европската банка за реконструкција и развој главно се концентрира на инфраструктурни и кредитни линии. Други извори на финансирање на инфраструктурата во регионот се Кина, Русија, Турција и други извори од Блискиот Исток. Засега, ЕУ и мултилатералните извори сè уште доминираат во енергетиката и транспортот, но важноста на другите актери расте.

Јавната инфраструктура има цел да им служи на потребите на граѓаните. Сепак, посочуваат од Аналитика, инфраструктурните проекти често не се првенствено дизајнирани земајќи ги предвид потребите на граѓаните. Понекогаш тие се резултат на притисок од инвеститорите, често се погрешно водени или претставуваат корумпирани обиди да се решат вистинските проблеми, а понекогаш и тоа се проекти за задоволување на нечии интереси.

„Регионалната студија за проекти за јавна инфраструктура покажува дека инфраструктурните проекти често се нарушени поради недостиг од транспарентност и ризик од корупција. Не постои јавна дебата кога проектите за јавна инфраструктура се избираат на стратешко ниво. Приоритетите се однапред определени од страна на властите и речиси никогаш не се менуваат како резултат на консултации. Јавните консултации, каде што се одвиваат воопшто, се прават во многу доцна фаза, кога веќе е донесена одлуката да се продолжи со проектот. ‘Стратешките проекти’ обично се сè освен стратешки, а владите ретко обезбедуваат релевантни докази во корист на приоретизирање на овие проекти. Често, домашни и меѓународни градежни компании се тие кои имаат корист од проектите, а не пошироката јавност. Енергетски штетните опции, како што се јагленските електрани, изградбата на автопати и согорување на отпад, сè уште доминираат со инвестиции. Иако финансирањето е достапно, на пр. за железница, за енергија од ветер, за соларна енергија и за рециклирање, владите во регионот не го искористуваат ова“, истакнуваат од Аналитика.

М.В