ПРОФ. Д-Р ДЕЈАН МИЦКОВИЌ: „Менување на Уставот во овој момент е нецелисходно, постојат и други клучни прашања за реформа на семејното законодавство“
Во Македонија и денес бракот е дефиниран како заедница на еден маж и една жена (во Законот за семејството), така што брак помеѓу лица од ист пол не е дозволен. Сегашната Влада сака да обезбеди поголема заштита на бракот, поради фактот дека Уставот е потешко да се промени отколку Законот за семејството. Значи оваа уставна измена е насочена за во иднина (кога оваа владеачка гарнитура ќе биде во опозиција) и има за цел да „го бетонира“ долгорочно бракот како заедница на еден маж и една жена. За промената на Уставот не гледам друго рационално образложение, затоа што ниту еден релевантен политички субјект во Македонија, ниту една релевантна невладина организација во овој момент не бара промена на дефиницијата на бракот, ниту пак се залага да се дозволи лица од ист пол да може да склучуваат брак, вели во интервјуто за Академик, проф – др Дејан Мицковиќ, професор по семејно и наследно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Во Уставот на Република Македонија е определено дека Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а правните односи во семејството, бракот и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Во контекст на новите уставни измени кои се во собраниска процедура, едно од образложенијата е дека дефинирањето на бракот во Уставот е потребно заради јасноста и прецизноста на овој интститут. Според вашите истражувања, дали со тоа што бракот не беше уставно дефиниран изминативе децении, се чувствуваше правна „слабост“ во делот на семејната, брачната норматива и социо-правната реалност?
Во однос на уставното регулирање на бракот и на семејството, во Европа не постои единствен, општоприфатен модел, туку се забележуваат значајни разлики помеѓу одделни држави. Во однос на ова прашање, европските законодавства генерално може да ги поделиме во три групи: во првата група држави, како што се Белгија, Данска, Холандија, во уставот не постојат никакви одредби за бракот или за семејството, тие воопшто не се уставна материја. Во втората група држави се обезбедува заштита на економските или социјалните права на семејството (така е во Германија, Франција, Шпанија, Португалија, а таква е состојбата и со сегашното уставно решение во Македонија, според кое се предвидува дека Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството), но семејството не се дефинира како основна клетка на општеството. Во третата група држави, како што се Ирска, Италија, Грција и Луксембург, семејството се дефинира како основна клета на општеството и му се обезбедува посебна општествена заштита.
Сегашното уставно регулирање на бракот, вонбрачната заедница и на семејството во Македонија претставува едно „средно решение“ во однос на различните модели на регулирање на бракот и семејството во европските устави: бракот, семејството и вонбрачната заедница се уставна материја, но Уставот не го „подигнува“ семејството на ниво на „основна клетка на општеството“, како што е во некои други држави (на пример во член 41 од Уставот на Ирска се вели дека „државата признава дека семејството е основна и природна клетка на општеството и дека тоа, како морална институција, поседува неоттуѓиви права, кои претходат и се надредени над сите закони“). Во однос на правното регулирање на семејството, Уставот на Македонија е најблиску до Уставот на Германија, кој во член 6 став 1 предвидува дека „бракот и семејството уживаат посебна заштита од страна на јавниот поредок“.
Промената на Уставот и дефинирањето на бракот како заедница на еден маж и една жена има за цел да се спречи (и тоа долгорочно) во Македонија да се дозволи склучување на брак помеѓу лица од ист пол, како што е тоа случај во последниве години во повеќе европски земји. Сегашната конзервативна Влада на Македонија, која со цела серија свои политики и мерки сака да го заштити традиционалниот брак и семејството кое се базира на брак, во промената на Уставот гледа „спас“ од можноста и Македонија да се приклучи кон „декадентните“ тенденции во земјите на Западна Европа, во кои се дозволуваат истополови бракови.
Во Македонија и денес бракот е дефиниран како заедница на еден маж и една жена (во Законот за семејството), така што брак помеѓу лица од ист пол не е дозволен. Сегашната Влада сака да обезбеди поголема заштита на бракот, поради фактот дека Уставот е потешко да се промени отколку Законот за семејството. Значи оваа уставна измена е насочена за во иднина (кога оваа владеачка гарнитура ќе биде во опозиција) и има за цел да „го бетонира“ долгорочно бракот како заедница на еден маж и една жена. За промената на Уставот не гледам друго рационално образложение, затоа што ниту еден релевантен политички субјект во Македонија, ниту една релевантна невладина организација во овој момент не бара промена на дефиницијата на бракот, ниту пак се залага да се дозволи лица од ист пол да може да склучуваат брак.
Во таа насока, би ни ги посочиле ли тенденциите, трендовите и сознанијата за современото семејно право, особено од европската перспектива на развој на семејството?
Во сите европски земји во последниве неколку децении се случуваат драматични промени во сите аспекти на брачниот и семејниот живот, се напушта „традиционалниот“ семеен модел, кој се базира на семејство во кое мажот и жената се во брак и живеат во заедница со нивните деца и се јавува плурализам на семејни модели. Тоа значи, едноставно речено, дека во Европа веќе не постои „семејство“ туку „семејства“. Овој плурализам е резултат на огромниот пораст на бројот на разводи во сите европски земји, паралелно со тоа на зголемување на бројот на монородителски семејства (каде децата живеат само со едниот родител) и рекомпонирани семејства (во кои еден или и двајцата партнери имаат деца од претходен брак или вонбрачна заедница. Освен тоа, драматично се зголемува и процентот на вонбрачни заедници и на деца родени надвор од брак, а најсериозен проблем во европските земји е драматичниот пад на наталитетот, таканаречената „бела чума“. Колку за илустрација на ова што го говорам: во 1960 година во земјите на Европската Унија биле разведени 170.000 бракови, а во 2006 година 1.040.000.
Процентот на вонбрачни деца во земјите на Европската Унија во 1960 година бил 5%, а во минатата година речиси 40% од децата во Европската Унија се раѓале надвор од брак. Сите овие промени кои се резултат, помеѓу останатото, на промените во моралните и етичките норми, доминацијата на индивидуализмот, еманципацијата на жената, сексуалната револуција и намаленото влијание на религијата се случуваат во сите европски земји, а нешто поспоро и во Македонија. И покрај тоа што во Македонија владеат доста поконзервативни ставови во однос на промените во брачните и семејните односи, во споредба со земјите од Западна или Северна Европа, промените се случуваат и тука: така на пример, во 1995 година во Македонија имало само 710 разводи, а во 2013 година тој број се зголемил речиси за три пати и изнесува 2045 разведени бракови. Или да го земеме на пример наталитетот. И покрај сите мерки кои во последниве години се преземаат, тој драматично се намалува: во 1995 година во Македонија се родиле 32154 деца, во 2005 година 26.083 деца, а во 2013 година 23.334 деца. Значи, за последниве дваесетина години во Македонија се родиле 9000 деца помалку, односно 300 училишни паралелки.
Семејните трансформации во последниве неколку децении во сите западни земји иницираа жестока дебата помеѓу конзервативците и либералите околу природата на промените, нивното значење за брачните партнери и за децата, влијанието на промените врз општествената заедница, а особено е изразен судирот околу активностите што треба да се преземат за спречување или за намалување на негативните последици од промените во семејните односи. Конзервативците сакаат да ги зачуваат постојните или претходните општествени односи и модели на однесување, додека либералите се многу поприемчиви и потолерантни кон промените што се случуваат.
Според тоа, конзервативците работат за да се зачува постојното статус кво, додека либералите честопати активно ги промовираат и поддржуваат промените. Конзервативците сметаат дека драматичните трансформации во сите сфери на брачниот и на семејниот живот доведуваат до трагични последици за социјализацијата и благосостојбата на децата, како и за физичкото и менталното здравје на брачните партнери. Освен тоа, конзервативците сметаат дека промените во бракот и семејството не само што имаат драматични последици за членовите на семејството, туку дека тие се основната причина за сите големи проблеми во современото општество, како што се малолетничката деликвенција, криминалот и насилството, злоупотребата на дроги, алкохолизмот, сиромаштијата и намалувањето на економскиот развој.
Наспроти конзервативците, кои сметаат дека состојбата во семејството во европските земји е алармантна, либералите ги третираат промените во брачниот и семејниот живот како неминовни последици од преминот од модерно во постмодерно општество. Тие различно ги толкуваат последиците од промените и не се согласуваат со конзервативците дека промените во функциите и структура на семејството се основна причина за порастот на криминалот, насилничкото однесување, наркоманијата и останатите социопатолошки појави. Освен тоа, разлики помеѓу конзервативците и либералите постојат во објаснувањето на причините за промените.
Наспроти конзервативците, кои сметаат дека деградирањето на семејните вредности и на моралните норми се клучните фактори за промените, либералите во објаснувањето на корените на „семејната револуција“ како основни фактори ги наведуваат економските, технолошките и демографските промени во постмодерното општество. Либералите ги критикуваат конзервативците дека сакаат да го наметнат моделот на нуклеарното семејство од средината на XX век како културен идеал, како модел во кој најдобро се остваруваат интересите на брачните другари, на децата и на општеството. Наспроти тоа, либералите укажуваат дека модерното конјугално семејство, што ја достигна својата „зрелост“ дури во средината на минатиот век, во основа е „девијација“ од семејните модели што доминирале во европските земји во претходниот период. Значи, според либералите, не се работи за некаков идеален модел, туку само за една фаза, и тоа исклучително куса, во развојот на бракот и на семејството. Според либералите, не постои една вечна, „природна“ и непроменлива структура на семејството.Од ова различно толкување произлегува и ставот на либералите дека семејните промени се дефинитивни и дека не е можно, како што сметаат конзервативците, да се врати семејната структура, семејните вредности и функции од претходниот период.
Бракот и неговото значење се предмет на сериозна дебата во социологијата во последниве неколку децении. Во рамките на оваа расправа, позициите се остро спротивставени; додека конзервативците инсистираат на тоа дека бракот има исклучително позитивен ефект врз благосостојбата на брачните партнери, а особено врз социјализацијата и правилниот развој на децата, либералите сметаат дека бракот е само една од алтернативните форми за регулирање на емотивните односи помеѓу луѓето, и дека не треба да зазема привилегирано место во правниот систем, како што беше во досегашниот период.
Во овој контекст, во последниве години, најжестока дебата во однос на правното регулирање на брачните и семејните односи во Европа се води околу регулирањето на правата на истополовите партнери, а особено околу можноста лица од ист пол да можат да склучуваат полноважен брак. Во однос на истополовите бракови, слободно може да констатираме дека веќе постојат „две Европи“. Во едната, во која влегуваат претежно поранешните социјалистички земји (Полска, Унгарија, Словачка, Бугарија, Летонија, Литванија, Молдавија, Украина, Србија, Црна Гора, а доколку се промени Уставот, тука ќе се вклучи наскоро и Македонија), бракот во Уставот се дефинира како заедница помеѓу еден маж и една жена. Во „другата Европа“, не само што правно се регулираат истополовите заедници, туку се дозволува партнери од ист пол да склучуваат полноважен брак. Ова можност денес постои во Белгија, Холандија, Данска, Норвешка, Шведска, Шпанија, Португалија, Исланд, Франција и во Велика Британија. Истополови бракови не се дозволуваат само во овие европски држави, туку и во Бразил, Аргентина, Канада, Нов Зеланд, Јужна Африка, Уругвај и во 19 сојузни држави во САД, меѓу кои и Калифорнија, Њујорк, Пенсилванија, Орегон, Ајова,Илиноис и Мејн.
Освен тоа, кога се говори за регулирањето на правата на лицата од ист пол, освен споредбеноправните решенија, треба да ги имаме и предвид судските одлуки на Европскиот суд за човекови права. За правата на истополовите партнери во последно време се клучни две пресуди на Европскиот суд и тоа во случаите Шалк и Коф против Австрија и Валианатос и останатите против Грција. Од една страна, во пресудата во случајот Шалк и Коф против Австрија Европскиот суд за човекови права смета дека забраната за склучување на брак помеѓу лица од ист пол не претставува повреда на Европската Конвенција за човекови права и дека регулирањето на ова прашање е оставено во надлежност на секоја одделна држава. Од друга страна, во пресудата Европскиот суд смета дека и за истополовите партнери треба да се применува концепцијата на „семеен живот“ предвидена во членот 8 од Европската конвенција за човекови права.
Според тоа, Европскиот суд за човекови права не предвидува дека забраната за истополов брак претставува кршење на Европската конвенција за правата на човекот, но истовремено смета дека и истополовите заедници ја исполнуваат дефиницијата на „семеен живот“. Една друга пресуда на Европскиот суд е значајна, а тоа е пресудата во случајот Валианатос и останатите против Грција. Во овој случај, повеќе грчки граѓани поднеле тужба до Европскиот суд за човекови права, поради фактот дека во Грција се регулираат правата на вонбрачните партнери, но само доколку тие се од различен пол. Ваква ситуација имаме денес и во Македонија, поради тоа што во Законот за семејството се регулираат правата само на маж и жена кои живеат подолго од една година во вонбрачна заедница, но не се регулираат правата на лица од ист пол кои живеат во заедница. Европскиот суд за човекови права одлучи дека Грција ја повредила Европската конвенција поради фактот што ги регулира само хетеросексуалните вонбрачни заедници, а не ги регулира истовремено и правата на истополните партнери што живеат во вонбрачна заедница. Ова е многу значајна одлука (за нас особено, поради фактот дека денес и во Македонија е состојбата иста како и во Грција) која укажува дека не е можно државите членки на Советот на Европа да ги регулираат само вонбрачните заедници составени од маж и од жена, а истовремено да не ги регулираат вонбрачните заедници составени од лица од ист пол.
Со промената на Уставот, Македонија би застанала во редот на конзервативните европски држави, во однос на регулирањето на бракот, во кои се штити бракот како заедница на еден маж и една жена. Тоа и денес е случај, но сега би се обезбедила поголема, уставна заштита на оваа дефиниција на бракот. Лично сметам дека бракот треба да биде заедница на еден маж и една жена, како што е тоа и денес предвидено во Законот за семејството. Она што е спорно е дали е во овој момент целисходно менување на Уставот, во услови кога никој релевантен фактор во Македонија не бара редефинирање на бракот, и особено кога опозицијата не е во Парламентот.
Според Вас, постојат ли одредени суштински прашања кои треба дополнително да се регулираат или дорегулираат во семејното законодавство?
Постојат повеќе прашања што заслужуваат внимание кога се говори за реформа на семејното законодавство. Една од основните цели на реформите треба да биде обезбедување поголема заштита на правата и интересите на децата преку целосна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на детето и на другите значајни меѓународни документи кои се однесуваат на правата и на интересите на децата во македонското законодавство. Двата основни столба на Конвенцијата на ОН, дека во сите постапки во кои се решава за правата на детето неговите интереси треба да бидат во преден план (член 3 од Конвенцијата) и дека детето кое е способно да формира свое сопствено мислење треба да има право да го изрази своето мислење за сите прашања кои се однесуваат на него (член 12 од Конвенцијата) не се целосно и соодветно прифатени во македонското семејно законодавство, поради што се потребни измени и дополнувања на нашето право. Освен тоа, ќе биде потребно да се изврши и промена во регулирањето на вршењето на родителското право по разводот на бракот. Во Република Македонија, не постои прецизна законска одредба според која родителите заеднички го вршат родителското право и по разводот на бракот. Ваквата празнина создава бројни проблеми во остварувањето на родителските одговорности по разводот на бракот. Така, во практиката често се случува родителот кај кој децата се доверени на чување и воспитување да ги носи сите значајни одлуки за нив, а другиот родителда има право само да одржува лични односи со децата и обврска да плаќа издршка.
Ова негативно се одразува на неговата подготвеност да се ангажира во одржувањето на лични односи со детето, и во неговата грижа за благосостојбата, образованието и воспитувањето на детето. Поради ова сметаме дека е потребно изрично да се предвиди дека родителското право се врши заеднички и спогодбено и по разводот на бракот, затоа што тоа е во интерес и на таткото, и на мајката и на децата. Промени треба да се направат и во однос на правното регулирање на вонбрачната заедница. Законодавецот во членот 13 од Законот за семејството вонбрачната заедница ја определува како: „Заедница на живот на маж и жена која не е заснована според одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имот стекнат за време на траењето на таа заедница. При определување на вонбрачната заедница, законодавецот не предвидел никакви законски пречки кои се однесуваат на вонбрачните другари, така што во вонбрачна заедница можат да живеат и маж и жена кои се блиски роднини, и кои не би можеле да склучат брак, а освен тоа во вонбрачна заедница би можеле да живеат и маж и жена што се во брак, кој не престанал на начин предвиден во законот (тоа значи дека истовремено би постоел и бракот и вонбрачната заедница, што доведува до големи проблеми во практиката). Покрај ова, потребни се и други реформи, како што е на пример воведувањето и регулирањето на брачниот договор, предвидувањето на посебна заштита на заедничкиот семеен дом и воведувањето на медијација во брачните и семејните спорови.
Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 26. 08. 2014