/ Прочитано:

5.293

Проф. Д-р ДИМИТАР ГЕЛЕВ: ТРГОВСКИ РЕГИСТАР – ШТО ТРЕБАЛО ДА БИДЕ И ВО ШТО СЕ ПРЕТВОРИЛ

Автор: Проф. Д-р Димитар Гелев, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ, Скопје.

Основниот поим за разбирањето на трговските регистри и нивната функција е поимот “трговец“. Начинот на кој се дефинира тој поим во конкретниот правен систем во голема мерка е зависен од начинот на кој се врши разграничувањето помеѓу граѓанското и трговското право (ако тоа постои). Генерално англо-саксонските држави не прават теориска разлика помеѓу граѓанското и трговското право. Тоа беше случај и со поранешните социјалистички држави, како и со денешните правни системи на Италија и Холандија (во одредена мерка). Разграничувањето помеѓу граѓанското и трговското право зависи од критериумот што се зема како основа за таа поделба и таквото разграничување општо го делиме на: (1) разграничување според субјективен критериум (византиски систем, денес познат како германски систем на разграничување); (2) разграничување според објективен критериум (класичен пример е Франција) и (3) разграничување според мешовит критериум.

Првиот систем на „разграничување според субјективниот критериум“ поаѓа од ставот дека секое лице кое е регистрирано во трговскиот регистер се смета за трговец и на него се применуваат сите правила на трговското право (стечај, посебни правила за одделни правни работи како закуп, купопродажба, размена, налог итн. во зависност од тоа дали лицето има статус на трговец или статус на граѓанин, подложност на надлежноста на трговските судови, таму каде што ги има, можност за договарање арбитража, посебни услови за стекнување деловна способност во некои земји, обврски за водење книговодство и сметководство, правење попис и изготвување годишни или завршни сметки, посебен режим за брачниот имот, фирма, седиште, дејност итн.).Сржта на овој систем е фактот дали некое лице е впишано во трговскиот регистер како трговец или не. Од моментот на уписот во регистерот на тоа лице се применуваат сите правила на трговското право.

Целосниот текст на трудот во прилог: ТРГОВСКИ РЕГИСТАР – ШТО ТРЕБАЛО ДА БИДЕ И ВО ШТО СЕ ПРЕТВОРИЛ

27.10.2014 /М.В/ veljanoskim@akademik.mk