/ Прочитано:

2.419

Проф. д-р Елена Градишки со иницијатива пред Уставен суд: Жените се дискриминираат и девалвираат со нееднаквата максимална старосна граница за пензионирање!

Универзитетски професорки поднесоа иницијатива до Уставниот суд со кој ги оспоруваат најновите измени во ЗРО во делот на максималната старосна граница за пензионирање на жените. Ти бараат максималната старосна граница за пензионирање и за мажите и за жените да биде изедначена. Новите законски решенија се противуставни и дискриминирачки, велат универзитетските професорки. Д-р Елена Градишки – Лазаревска, професорка на Правниот Факултет „Јустинијан Први“, е изненадена што ваквото законско решение воопшто ги поминало институционалните филтри, затоа што, како што вели, измените не се само правно нелогични и противуставни, туку се во спротивност со праксата на Уставниот суд, но и со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Законски одредби кои се во спротивност на Уставот и дискриминирачки за жените

Подносители на Иницијативата до Уставниот суд  се професорки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и како потписници се јавуваат: тоа Д-р Елена Градишки, професорка на Правниот факултет„ Јустинијан Први“ и професорките од Медицинскиот факултет, Д-р Лилјана Хаџи – Пецова, Д-р Костадина Корнети – Пекевска, Д-р Билјана Сидовска – Ивановска, Д-р Снежана Ефремова – Аарон и Д-р Милјана Стојановиќ – Толовска.

Како што истакнуваат посочените професорки, новите законски решенија и различната старосна граница за пензионирање на мажите и жените е грубо нарушување на уставните одредби и определби, но и дискриминирачка за жените, што всушност и го наведуваат во Иницијативата каде напоменуваат дека според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, нагласуваат тие.

„Но таа еднаквост, за жал, со новите законски решенија е флагрантно нарушена затоа што не ја изедначува старосната граница за пензионирање меѓу мажите и жените, што е очигледно прекршување на уставното слово“, вели професорката Елена Градишки, која посочувајќи ја Иницијативата укажува дека всушност се оспорува членот 5 од измените и дополнувањата на Законот за работни односи, односно член 104 став 2 и 4 од Законот за работни односи во кој се регулира максималната старосна граница за пензионирање „најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“

„Ваквото решение не е полово неутрално и тоа е евидентно. Бараме еднаков третман меѓу мажите и жените во поглед на максималната граница за стекнување на старосна пензија. Ако е за мажите определена старосна граниза за пензија од 67 години, тогаш треба да биде и за жените. Никаква аргументација не постои зошто да постои разграничување, Уставот е сосема јасен и се што треба да се прави е да се почитува. Пред Уставот и законите сите се еднакви, а самиот Устав определува дека граѓаните се еднакви во остварувањето на слободите и правата“, објаснува професорката Градишка – Лазаревска која нагласува дека е вчудоневидена што е можно вакво решение воопшто да се предложило, а и покрај противуставноста да го поминало собранискиот филтер на Законодавно-правната комисија и Собранието на Република Македонија.

Уставниот суд веќе во два наврати одлучил дека различниот третман е противуставен

Професорката посочува, како што и впрочем е нагласено во Иницијативата, дека Уставниот суд веќе во два наврати во 2006 година и во 2009 година одлучил дека ваквиот третман и одредување на различна старосна граница за мажите и жените е противуставен. Уставниот суд во двата наврати одлучил во насока на почитување на начелото и на правата што произлегуваат од половата еднаквост во поглед на исполнувањето на условите за стекнување на старосна пензија.

„И покрај тоа, повторно ни се сервираше решение кое е противуставно и крајно е нелогично. Несериозно е институциите кои ги подготвуваат овие закони да не погледнат во одлуките на Уставниот суд“, потенцира професорката, додавајќи дека не само што решението е спротивно на домашната уставна норматива, туку е во спротивност и со меѓународната легислатива, што најдобро може да се види и во праксата на Европскиот суд за човекови права, што како аргумент е наведено и во Иницијативата. Таа нагласува дека и германското законодавство како пример говори за иста аргументација за еднаков трудово-правен третман меѓу мажите и жените во однос на пензиoнирањето.

Како што е наведено во Иницијативата,  ваквото законско решение е основа за внесување на полова дискриминација во сферата на работните односи ставајќи ја жената во понеповолна позиција од мажот во остварувањето на правото на пензија.

„Инаку како за информација, укажувам дека и во бившата СФРЈ вакво решение на рзаличен третман беше оспорено пред Уставниот суд од страна на група професори од Филозофскиот суд и секако, Уставниот суд одлучи дека различната старосна граница е во колизија со Уставот“, напоменува професорката.

Под итно да се донесе Решение за определување на времена мерка!

Професорката Градишки – Лазаревска додава дека во овој момент најважно е Уставниот суд да донесе решение за определување на Времена мерка, што е акцентирано и во Иницијативата.

Во Иницијативата, согласно член 2 од Деловникот на Уставниот суд  се предлага предлагаме Уставниот суд да донесе решение да се забрани примената на оспорениот дел од член 5 на Законот за изменување и дополнување на Законот работни односи односно на член 104 став 2 и 4 од Законот за работни односи.

„Според член 27 од Деловникот, Уставниот суд може во текот на постапката до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или опшшт акт чија уставност, односно законитост ја одредува судот, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици. Имејќи во предвид дека оспорената измена на ЗРО е објавена во Службен весник на РМ на 29 јули 2014 година, а стапи во сила 8 дена подоцна, лицата кои ќе сакаат да го продолжат работниот однос за 2015 година, тоа треба да го сторат во период до 31 август 2014 година. Овој рок е многу кус и ќе настапи пред Уставниот суд да одлучува по иницијативата. Поради тоа лицата од женскиот пол ќе бидат оневозможени да го продолжат работниот век до 2015 година, додека Уставниот суд не реши по иницијативата до 31 август 2014 година или, доколку Уставниот суд не го поништи спорниот дел од законот“, се наведува во Иницијативата.

„Во моментов е најважно да се донесе Времена мерка. Со неа може да се спречи да се појави иреверзибилен процес со што ќе се створи правен вакум и на многу жени противуставно ќе им бидат загрозени и нарушени слободите и правата. Потребно е што побрзо да се реагира за да се спречи дејствието на овие неуставни измени на Законот за работни односи“, децидна е професорката Градишки – Лазаревска.

Лоша „традиција“ на закони без јавни расправи: Бегајте од правник кој мисли дека знае сè во правото

Таа е оптимист и не сака да верува во како што вели, „некакви конспиративни игри“ кои во јавноста се споменуваат, бидејќи, како што укажува, правничкото во неа не и дава да не верува во принципите на правната држава иако признава дека веќе подолго време се јавува интелектуална апатија кога се носат неуставни законски решенија кои се проследуваат со молк и без вклученост на науката во нив.

„Не може да говориме за закон, ако тој закон е од суштинско значење, а поминал без јавна расправа и дискусија. Тоа е нонсенс. На секој правник му е јасно, односно би требало да му биде јасно што значи таа консултативна фаза при подготовката на одредено законско решение, посбно и со вклучувањето и на пошироката јавност. Но знаете, има едно правило – бегајте од правник кој мисли дека знае сè во правото“, посочува професорката и нагласува дека таа како професор по деловно право и право на друштвата секогаш доблесно одбивала да биде вклучена во проекти кои не се најзина специјалност.

„Едноставно ако некоја проблематика не е домен на твојот научен фокус, не е исправно и коректно да се впушташ во подготовка на нешто за кое имаш познавање, но не и знаење до степен да се изрази специјалноста. И тоа треба искрено да се каже, нема таков правник кој знае за секоја област во правото“, укажува Градишки.

Таа целиот контекст на носењето на законите, вклучително и на оспорениот, го разгледува и од една поширока призма, а тоа е дека мора да се има внимателност при подготовка на истите. Вели дека веќе преминува во традиција правници кои не се специјализирани во конкретна правна област да се појавуваат и како експерти за друга област.

Еднаквоста на мажите и жените во Уставот не е феминизам

„Тоа е трагикомично. Правото е океан од знаења, мисли, практики, идеи, дискусии, прописи. Не можете ако немате познавање, односно знаење од една област во правото да се мешате во друга област и затоа велам просто чудесно и страшно е како законски решенија така лесно проаѓаат. Се поставува прашањето дали е тоа од незнаење или сфаќање на правото како модел за хиперпродукција на разни прописи кои треба да бидат синоним за посветеност. Посебно зачудува што лесно поминуваат закони кои се во директна колизија со Уставот, тоа сепак говори дека алармот за правниците е вклучен“, вели професорката, додавајќи дека и очигледно е дека универзитетските професори при креирање на закон се ставаат „на страна“.

„Често ми велат дали со оваа Иницијатива се остваруваат феминистички цели. И тука има уште еден апсурд. Значи не може во едно општество еднаквоста на луѓето да се таргетира како насока кон одредена цел. Целта е таа – да се почитува Уставот. Инаку за феминизам и слобода, секогаш сум била слободна и независна, лично сметам дека за една жена тоа е состојба на умот и прашање на животен стил. И во младоста и сега ја слушам истата музика, го негувам тој стил. И тогаш и сега обожавам француска музика и македонски шансони, пијано музика и особено Синатра“, вели професорката, која овие податоци ни ги кажува неслучајно затоа што како што вели, „стресот од нелогичностите во општеството најдобро се поминува со музика“.

Ако заминам од Правен факултет, колекцијата од музика ќе му ја оставам на факултетот

Таа искрено очекува дека Иницијативата до Уставниот суд ќе има позитивен исход и верува дека еднаш засекогаш во Македонија ќе започне потемелно да се применува правото, номотехниката и правната логика особено при подготовка на законите затоа што ако тоа не биде така, директно се загрозуваат граѓаните, чиј суверенитет е темел на државата.

„Ако тоа не се случи, мојата импресивна колекција на музика ќе ја оставам на Правниот факултет „Јустинијан Први“, духовито резимира професорката Градишки, која низ добро расположение и насмевка, уште еднаш не предупредува дека треба да се биде подалеку од правниците кои мислат дека знаат сè во правото.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 28.08.2014