Проф. д-р Мишо Докмановиќ – добитник на наградата „13 Ноември“ за посебен придонес во развојот на науката и високото образование
Проф. д-р Мишо Докмановиќ е добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Наградата му се доделува за посебен придонес во развојот на науката и високото образование.
Докмановиќ е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “во Скопје каде ги предава предметите историја на правото и современа македонска историја на додипломските студии и предметите Балканот и американската дипломатија, Дипломатски протокол и Историја и дипломатија на Блискиот Исток на последипломските студии.
Исто така, добитник на наградата „13 ноември“ за посебен долгогодишен придонес во развојот на науката и високото образование е и професорот во пензија Денко Малески, како и д-р Емил Ниами, лектор, преведувач и автор на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик.
Целосната листа на добитниците на наградата може да се погледне на следниот линк.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание од Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Северна Македонија и во светот. Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на градот Скопје.
М.В