Проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска е новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“
Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ја именуваше проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска за нов директор на Академијата. Габер-Дамјановска е поранешна уставна судијка и директорка на Институтот за социолошки и политички правни истражувања. Покрај нејзиниот научен опус од областа на правото и политикологијата, Габер-Дамјановска во стручната и пошироката јавност како уставна судијка е позната по нејзините издвоени мислења.
Наташа Габер-Дамјановска основно и средно образование завршила во Скопје, матурирала 1980 година; дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во учебната 1984/85, со среден успех 9,14.
Магистрирала на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ –Скопје, насока Политички и политичко-правни науки, со магистерскиот труд под наслов „Улогата на ПАСОК во социјалистичкото движење на Република Грција“, одбранет во 1990 година, при што се здобила со академски степен магистер на политичко-правни науки.
Докторирала на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје во 1995 година со дисертација под наслов „Мнозинството во системот на политичкото и парламентарното одлучување“ и се здобила со звање доктор по политички науки.
Од април 1985 година до октомври 2008 година била вработена во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје; од 7 октомври 2008 година е избрана за судија на Уставниот суд на Република Македонија.
Габер-Дамјановска се стекнала со научно звање научен советник во 1997 година, а реизбрана во 2006 година. Во 2006 година се стекнала со наставно звање редовен професор и ги предавала предметите „Политичко одлучување“ и „Граѓанско општество“ во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, и „Introduction to Politics“ и „Comparative Political Systems” на англиски јазик и „Избори и човекови права“ и „Глобализација и светски политики“ на македонски јазик на „Американ колеџ“ – Скопје.
Наташа Габер-Дамјановска активно говори англиски и грчки јазик, а има познавања и од францускиот и италијанскиот јазик. Била вклучена во бројни научни проекти и автор е на бројни стручни и научни трудови, стратешки документи, евалуации, истражувања, анализи, а исто така учествувала и во комисии за подготовка на прописи.
На настан посветен на младите правници, говорејќи за своите почетоци во високото образование, таа истакна дека љубовта кон правото ја наследила од својот татко, еден од основачите на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
„Растев во семејство со интелектуално опкружување. За време на моето образование учев што е можно повеќе јазици. Достапноста на правната, политичката и филозофската литература беше една од претпоставките да се одлучам за правните студии. Имав поддршка од семејството. Додека студирав, студирав за знаење, знаењето е најважно. Не верувам дека за да се биде добар правник, потребно е да се имаат сите десетки, напротив, практиката покажала дека и студентите на кои не им биле сите десетки понатаму се докажале како одлични практичари и правници“, истакна Габер-Дамјановска.
„Образованието мора да биде квалитетно. Држава која не се базира на квалитетно образование своите темели ги поставува на песок. Секогаш градете сензибилност за почитување на човековите права и учете од постарите колеги бидејќи искуството е најдобар учител“, нагласи професорката Габер-Дамјановска.
М.В