/ Прочитано:

31.679

Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска предложена за нов министер за образование и наука

Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ е предложена за нов министер за образование и наука.

Во биографијата на Рената Тренеска-Дескоска се вели дека основно и средно образование завршила со континуиран одличен успех, за што била прогласена за првенец на генерација.

Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1994 година со просечен успех 9,55, а постдипломски студии завршила со просечен успех 10,00. Магистрирала на тема „Типови извршна власт“ во 1997 година на Правниот факултет во Скопје.

Докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година, на тема „Конституционализам, конституции и човекови права, со студија на случај на Република Словенија и Република Македонија “, со што се стекнала со назив доктор по правни науки.

Тренеска-Дескоска од 1995 до 1998 година била демонстратор на Правниот факултет – Скопје. Во 1999 година се вработува како асистент на Правниот факултет – Скопје, каде што во 2012 година е избрана за редовен професор во научната област уставно право и политички систем.

Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска била пратеник, потпретседател на Собранието на Република Македонија и шеф на делегацијата на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ. Била член на Парламентарното собрание на Советот на Европа од септември, член на ад-хок комисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на парламентарни избори во Бугарија, член на ад-хок комисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските избори во Србија.

Во 2012 година, по предлог на Венецијанската комисија, избрана е за член на Советодавниот панел на експерти за слобода на вероисповед на ОДИХР. Тренеска- Дескоска  била и консултант за избори на УНДП и домашен експерт за правна и институционална рамка за интеретнички дијалог, член на работна група за подготовка на Националната стратегија за интеграција на Република Македонија во Европската Унија, советник за уставни и правни прашања во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски  и член на ад-хок комисија за испитување на настаните од 24 декември 2012 година.

М.В