/ Прочитано:

2.071

ПРОФ. Д-Р СВЕТОМИР ШКАРИЌ: „Бесплатно образование! Тоа е мојот сон за високото образование“

Образованието треба да е бесплатно, а во Уставот се потребни промени за редефинирање на универзитетската автономија. Оние земји кои имаат бесплатно образование се среќни земји. Да имавме доблестен Уставен суд, тој ќе размислуваше како и студентите за измените во Законот за високото образование, но таков суд немаме од 1991 година. Еден од поголемите проблеми во идниот период за Македонија ќе биде деблокада на Уставниот суд, рече проф. д-р Светомир Шкариќ на денешното предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“. 

„Уништувањето на универзитетската автономија значи уништување на цела цивилизација“

„Уништувањето на универзитетската автономија е уништување на цела цивилизација, а студентите  го препознаа тоа, тие знаат да ја почитуваат и штитат автономијата на универзитетот“, истакна професорот по уставно право на почетокот од своето предавање.

„Ве анализирав и од гледиште како се изразувате и каква содржина испраќате преку вашите пароли и заклучив дека подобро ја познавате суштината на автономијата и од професорите, вклучувајќи ме и мене, иако сум 40 години на Универзитетот и повеќе“, додаде тој.

„Зад себе оставивте значајни траги, знаете како и сакате да ги поминете своите студентски години и да ги проживеете како студенти. И јас денес со гордост се сеќавам на моите студентски денови, на предавањата, на професорите, на испитите, на библиотеката“, рече професорот, честитајќи им ја победата на студентите и советувајќи ги слободата да ја бараат и преку својот истражувачки и читателски дух.

Библиотеките се духот на универзитетската средина

Професорот Шкариќ истакна дека токму библиотеките се тие кои ѝ даваат акцент на универзитетската средина во која егзистираат слободата и мислата.

„Како студент, кога бев преморен, дури и заспивав во библиотеката“, рече професорот, нагласувајќи го значењето на литературата и самоиницијативноста за личната едукација.

„Најголем впечаток од мојот престој во Гренобл, Франција ми остави библиотеката“, нагласи тој , опишувајќи ја академската средина на тамошниот универзитет како место со извонредни изданија на книги, импресивна литература и специјализирани одделенија.

Француската декларација за човековите права и универзитетскиот ресторан „Дидро“

„Колку само денови таму ја препишував Француската декларација за човековите права. И сè прецизно бележев за да можам понатаму да ја користам. Да не говорам, пак, какви беа студентските домови или, пак, студентските мензи или нивните имиња. Ресторанот имаше име „Дидро“. Како да не јадеш во ресторан со име Дидро?“, нагласи професорот, објаснувајќи ја доблесната улога на францускиот филозоф во француската историја, кој со своите ставови преферирал да им служи на вистината и на своите убедувања отколку на сервилноста на монархистичката политика и сфаќања.

Професорот Шкариќ се присети и на неговите престои во Јапонија и САД каде што и можел да ги види и да работи во импозантните библиотеки преку кои најдобро може да се увиди организираноста на високото образование. Шкариќ во тој контекст подвлече дека студентите имаат право на добри професори, на литература, на добри библиотеки и студентски домови, но и право на бесплатно високо образование.

„Мојот сон за високото образование е бесплатно образование“

„Мојот сон за високото образование е бесплатно образование“, потенцираше професорот, истакнувајќи дека студентите не треба да дадат ниту денар од џебот за студиите, како што впрочем некогаш било, а и денес е реалност во некои земји.

„Оние земји кои имаат бесплатно образование се среќни земји“, рече Шкариќ, додавајќи дека амбиентот на универзитетот е нешто посебно, а универзитетот е местото на слободата  каде што студентите се оние што ѝ припаѓаат на таа слобода.

Професорот подвлече и дека самата кованица „државен испит“ е контрадикторна и дека е тоа исто како да се каже „дрвено железо“. Тој го парафразираше германскиот филозоф Кант кој се противел на именувањето на универзитетите со „државни“, наместо со „јавни“, како што сметал тој.

„Оттука, студентите се изборија за нешто што е јавно. Тие одлично ја сфатија автономијата на универзитетот дури и подобро од самите професори и сето тоа треба да го објават во есеј за да остане за идните генерации“, рече Шкариќ.

Во 1968 властите се плашеа од спојот на студентите со синдикатите

Професорот се осврна и на состојбите на студентските протести во 1968 на кои бил и учесник. Тој раскажуваше дека тоа време се разликувало од денешното, но и дека тогашните студенти не биле испровоцирани со решенија кои денес им се пласираа на студентите.

„Тогаш властите се плашеа од спојот на студентите со синдикатите“, истакна професорот, посочувајќи во таа насока дека денешната студентска борба треба да има и поширок општествен дискурс бидејќи од состојбата на студентите зависи и целокупната состојба во земјата. Шкариќ исто така рече дека мора да се стави акцент и на некои промени во рамките и на самиот универзитет и дека мора има солиден наставен кадар.

„Лесно е да бидеш професор, тешко е да бидеш праведен професор“

„Професорите треба да имаат фер и џентлменско однесување. Лесно е да бидеш професор, тешко е да бидеш праведен професор“, рече професорот, додавајќи дека денес може да се најдат и студенти кои знаат повеќе од некои професори.

За професорот е несфатливо и нелогично еден универзитетски професор да предава и по десет предмети и тоа се одразува врз квалитетот на образованието.

Пленумската демократија ќе биде дел од новиот учебник по Уставно право

Шкариќ најави дека аспектите на Пленумската демократија ќе бидат дел од новиот учебник по Уставно право кој го подготвува заедно со професорката Гордана Силјановска. Како увертира во најавата за новото научно издание, Шкариќ објасни  дека кон Уставното право и кон анализата на Уставот мора постои и социолошка и политиколошка опсервација.  Од таа појдовна точка професорот ги истакна важностите на Пленумската демократија која во себе ги носи и историските пунктови на Жан Жак Русо, а уставното право, како што подвлече, мора да е јуридизирано.

Потребна е деблокда на Уставниот суд

„Да имавме доблестен Уставен суд, тој ќе размислуваше како и студентите за измените во Законот за високото образование. Но, во Македонија нема таков суд. Ние како држава имавме среќа од 1963 до 1991 година да имаме Уставен суд со најдобрите професори по право и со најдобрите судии. Но оттогаш, за жал, тоа не е така“, рече Шкариќ, посочувајќи дека една од големите грешки за таквата „уставносудска“ состојба е што Уставниот суд останал со најслаб уставен режим, а судиите како недопирливи и неограничени.

„Еден од поголемите проблеми во идниот период за Македонија ќе биде деблокада на Уставниот суд“, истакна професорот, образложувајќи го притоа, како што рече, значењето на генијалниот изум на Келзен.

Судиите се тие што треба да го создаваат правото 

Шкариќ  истакна дека судиите се тие што треба да го создадаваат правото, илустрирајќи го примерот со Англија каде што кралското законодавство не може да навлезево приватното право. Во таа насока, за професорот е неспорно дека универзитетската автономија мора да претрпи редефинирање во Уставот, дотолку повеќе што во Македонија не постои доблестен Уставен суд. Тој го поздравува воведувањето на уставната жалба, но детектира бројни недоследности кои фрлаат сомнеж во искрените намери.

Да се промени Уставот и да се редефинира универзитетската автономија

„Студентите треба да иницираат дополнување на Уставот во делот на универзитетската автономија затоа што таа треба дополнително да се уреди“, заклучи професорот, советувајќи ги студентите да не брзаат во своите одлуки и темелно да му пристапат на прашањето за креирање на нов закон за високото образование, но и за уставни измени.

„Бидете креативни какви што сте. И овој пат вие бидете законодавци“, потенцираше Шкариќ кој на студентите им вети дека секогаш ќе биде со нив, особено со неговите нови научни дела и со помош за позитивни законски измени за кои ја приложува целата своја умствена „артилерија“.

Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

26.2.2015