/ Прочитано:

1.744

Проф. др. Кирил Чавдар: Секоја политика мора да тргне раце од судството!

Адвокат, судија, професор, автор на бројни книги од областа на правото, реномиран и угледен правник со долгогодишно искуство во сите правни области и сфери, магистер во областа на извршната постапка и доктор во областа на граѓанската и правна заштита на државната сопственост, од страна на претседателот на СФРЈ одликуван е со повеќе ордени на трудот, успехот се должи на многу работа и долг живот вели проф. др. Кирил Чавдар. Политиката мора да тргне раце од судството, а Судскиот совет на РM (ССРМ) ја има моќта да го доведе до перфекција истото, дециден е тој. Смета дека поголемо внимание треба да се посвети на остручувањето на адвокатите. 

Интервјуто го правевме во книжарницата „Академик“, каде дел од книгите го носат токму потписот на проф. др. Кирил Чавдар. Во друштво на таков авторитет, не знаете од каде да почнете со прашањата и самиот „човек – книга“.  79-годишниот професор на шега вели дека бројните титули ги заработил благодарение на долгиот живот.

– „Многу долго живеам, многу работам. Самиот живот ме туркаше да се остручувам заради тоа што зад мене немав луѓе кои ќе ме поткрепуваат, па морав да се остручувам и да постигнувам, за да можам да опстанам во животот. Не е тоа некоја амбиција да се направи нешто што другите не го направиле, меѓутоа самиот живот ме туркаше да работам што повеќе, а самата работа придонесе да се постигне она што се постигна. Во правото посебно ме изгради пишувањето на книгите бидејќи за да се напише само еден збор треба многу да се внимава“.

Се присетува на студентските денови, по сугестија на неговиот татко во 1951 година се запишал на Правниот факултет во Загреб, иако таа година и Скопје добил Правен факултет.

– „Јас сум од Ресен каде во тоа време немаше гимназија, учев во Битола, матурирав во Охрид и кога требаше да се запишувам таа година се отвори Правен факултет во Скопје, меѓутоа татко ми како поискусен човек ми рече „и така не си дома во Ресен, студирај поблиску до запад“ и тоа беше причината зошто отидов во Загреб. Инаку имав намера да се запишам во Белград бидејќи таму имав и колеги, меѓутоа во Белград бараа приемен испит, а јас не го познавав добро српскиот јазик и не можев да полагам приемен испит, додека во Загреб бараа само да си одличен ученик и затоа се запишав таму. Мислев подоцна да се вратам во Белград меѓутоа бидејќи добро ми тргна останав во Загреб до крајот на студиите.“

За професорите во Загреб вели дека биле едни од најистакнатите правници во предвоената Југославија, а за студиите дека не постоел терминот „провлекување“. Еднаш неделно матине и кино, другото време за учење, раскажува професорот Чавдар.

– „Имавме едноставно класа професори и заради тоа имавме можност многу да научиме, второ, самите испити беа такви што не дозволуваа да се провлекуваш. Во Загреб постоеа т.н. групни испити, се слушаа 3-4 предмети во прва и втора година и се полагаа наеднаш сите тие предмети во втора година, такашто немаше провлекување. Бевме сиромашни, освен учењето и еднаш неделно на матине од 2 до 5 часот и еднаш неделно во кино, други трошоци не можевме да си припуштиме, па мораше да се учи. Ние бевме прва година која тогаш броеше околу 300 души и сите учеа, сите со љубов го прифатија правото.“

Она што бил Иво Пухан во Скопје, тоа бил Маријан Хорват во Загреб, се присеќа тој.

– „Знаете, како и во Скопје, Римското право што го предаваше Иво Пухан, така и ние во Загреб имавме еден одличен професор Маријан Хорват којшто извонредно знаеше да ни го претстави Римското право. Извонреден професор беше и професорот по кривична постапка,  Баер којшто на многу скопски студенти подоцна, после 1965 година им беше професор. Скопјани многу отидоа на постдипломски студии по кривично право и криминалистика во Загреб и многу добро го знаат, тоа беше навистина извонреден професор. За тие два професори можам да кажам дека беа и столбот на правото во Загреб.“

Не изненади фактот што некогашниот судија, најпрвин седнал на судиското столче, а потоа го положил правосудниот испит, сепак истиот го оцени како прилично лесен.

– „Се вработив во скопска Апелација најпрвин како стручен соработник во 56-та година есента, потоа една година бев асистент, станав судија без да положам правосуден испит, меѓутоа имавме обврска да полагаме  и релативно добро го совладав правосудниот испит, зошто веќе имав пракса скоро 3 години. Памeтам дека правосудниот испит воопшто не ми беше тежок, не земав ниту еден одмор за да го подготовам . Многу ми помогна практиката да го положам тој испит.“

Во СФРЈ немаше подмитувања на судии

Кариерата во правосудството на проф. др Чавдар е прилично богата. Во 1958 година е избран за судија на Околискиот суд Скопје 2, при крајот на 1959 година за судија на Окружниот суд во Скопје, а од 1961 до 1966 година работи и како адвокат. Во 1966 година повторно е избран за судија на Окружниот суд во Скопје, а од 1968 до 1975 година работи како помошник на Републичкиот секретар за правосудство на СРМ. Во 1975 година е избран за судија на Врховниот суд на Македонија, а во 1982 година е избран за заменик на Јавниот правобранител на Македонија. Во 1987  година е избран за судија на Сојузниот суд во Белград, каде останува до распаѓањето на СФРЈ, а потоа работи во Врховниот суд на Република Македонија, каде е избран за судија во 1995 година  и останува до своето пензионирање при крајот на 1996 година. Бил и член на ССРМ во периодот од 2000 – 2003 година.

Правејќи споредба споредба помеѓу правосудството за време на СФРЈ и денеска, тврди дека законите во Југославија биле доведени до совршенство и истите повеќе се применувале отколку денеска, а судиите биле многу почитувани од страна на власта.

– „Јас мислам дека законот тогаш повеќе важеше затоа што имавме совршени закони, навистина беше социјалистички поредок и нормално е дека тие закони беа со инволвирање на тоа социјалистичкото општество, социјалистички морал и сл. Меѓутоа бидејќи јас се занимавав со граѓанско право, во тоа право социјалистичкото ништо не значеше заради тоа што и правните лица сите се служеа со трговските закони, со капиталистичките односи во трговијата. Така владееше Закон на вредноста. Исто така во Југославија за разлика од другите социјалистички земји имаше слободна трговија, односно трговското право се развиваше слободно иако внатре во организациите имаше работничко самоуправување. Судовите навистина ги применуваа законите кои беа дотерани до совршенство затоа што се донесуваа на ниво на Југославија и беа пишувани од страна на правниците кои имаа многу големо искуство кои и денеска се сметаат за ненадминати авторитети.“

Според поранешниот судија, тогаш било полесно да се суди, немало судења за големи износи, немало доволно пари за некој некого да подмити.

– „Немаше богатство, според тоа немаше ни вакви судења за големи износи, нас ни беше многу полесно да судиме, немаше подмитувања немаше доволно пари за некој некого да подмити, според тоа бевме доста независни во своето работење, власта не ни се мешаше во работата. Ако се работеше за одредени судии за кои се знаеше дека тие се луѓе на власта и преку нив можеби и делуваа. Меѓутоа може да се каже дека тоа беа 1 до 3 отсто  од сите судии. Сепак власта не почитуваше како судии.“

Само ССРМ ја има моќта да го доведе судството во ред 

Нема друг орган во Македонија кој може да го доведе во ред судството, освен Судскиот совет на РМ (ССРМ), дециден е некогашниот член на истиот.

– „Јас бев член и на ССРМ од 2000 до 2004 година, кога Собранието предлагаше судии, меѓутоа Собранието секгаш ги земаше предвид нашите предлози за одредени судии. Можам да ви кажам едно, дека состојбата судството сметам дека зависи само од ефикасноста, опременоста, сосвесноста на работењето во самиот Судски совет. Нема друг орган во републикава, ниту политички, ниту било кој друг кој може да го доведе судството во ред освен ССРМ.  Во ССРМ  лежи силата на испитувањето на однесувањето на судиите, а исто така и изборот на судиите. Меѓутоа колку делува политиката и како делува политиката, тоа не можам да проценам, но постои онаа фама дека се бираат за судии секогаш лица кои се свртени  кон власта. Како тоа го постигнуваат, не ми е познато, но таква фама постои. Во одлучувањето и самите судии се жалат дека се изложени на големи притисоци од различни страни, а секогаш тие притисоци се многу силни. Ако Судскиот совет има луѓе коишто имаат своја личност во тој случај ќе можат тие да се спротистават.“

Според проф. др. Чавдар за да се разреши еден судија треба да се поседуваат многу силни аргументи.

– „Зад секој судија постојат одредени авторитети. За да се посегне на разрешување на судија треба да се има предвид дека зад него ќе застанат авторитети. Ние како суд имавме дури и еден предлог до Собранието за разрешување на еден судија и во самото Собрание се крена бука зашто предлагаме и како предлагаме. Значи треба многу внимателно испитување на оние причини кои можат да доведат до разрешување на судија, како и да се има многу силно аргументи.“

Со измените во Законот за судскиот совет, министерот за правда го изгуби правото да гласа, но остана член на ССРМ, сепак за докторот во областа на граѓанското право не е важно дали истиот може да гласа или не  бидејќи патиштата на влијание како што вели се знаат, се откриваат.

– „ССРМ денеска има многу овластувања, меѓутоа треба да се бираат луѓе со квалитет. Секоја политика мора тргне раце од судството, а ќе ги тргне на тој начин што ќе го пушти ССРМ, навистина да решава самостојно.“

Адвокатите мора да читаат повеќе книги, а не само да работат занаетски

Една од претпоставките за владеење на правото е остручувањето на судиите и на адвокатите, оценува проф.др. Чавдар и констатира дека адвокатите не читаат многу книги и работат занаетски.

– „Јас држам предавања на Академијата за судии и јавни обвинители често на кандидатите им велам дека тие зависат од стручноста на адвокатите. Затоа што ако адвокатите не се доволно стручни и поднесуваат барања кои немаат основа во законитоста, судијата не може да ја спроведе законитоста. Констатирам дека адвокатите не читаат многу книги и работат занаетски, заради тоа и често пати кога ме консултираат мене од самите консултации констатирам дека прашањето кое ќе го постават произлегува дека поим немаат во таа област каде се нафатиле да застапуваат одреден странка, како и да не студирале право во Македонија, дотаму иде работата. Ете тоа е трагедијата и затоа треба поголемо внимание да се посвети на остручувањето на адвокатите.“

Според некогашниот адвокат и судија адвокатите треба да создадат некој систем за едукација или адвокатска комора да преземе нешто, во спротивно законитоста не се остварува.

Примената на правото е најинтелектуалната професија

Она што може да се забележи е дека оваа година е посебно плодна за проф. др. Чавдар, наскоро ќе биде достапно и најновото издание на Коментарот за законот за семејство, на кое се потпишува и судијката, експертот по семејно право, др. Цветанка Сиљаноска Костадинова. Целта на оваа книга е да се даде придонес кон едни многу актуелни теми, како што се семејното насилство, жртвите на трговијата со луѓе, а посебно посвојувањето, заклучува нашиот соговорник.

– „Досега во Македонија тешко можеше да се посвои дете, сега е подобро поставена работа, па се надеваме дека сите родители кои сакаат да посвојат дете и сите деца кои се да речам подобни за посвојување ќе го најдат својот дом и ќе се оствари  нешто. Тоа беше и нашата цел кога седнавме да го пишуваме законот.“

Потписникот на 40-тина книги од областа на правото со совет до идните правници да се образуваат комплетно, а не само од случај до случај.

– „Правници мора да знаат дека примената на правото е најинтелектуалната професија. Ниту една професија не е поврзана со интелектуална работа, толку колку што е правото. Затоа што секој случај е посебен случај што треба да се подведе под некоја законска норма, тука не помага самата интелегенција, мора да се познават добро законите, во спротивно ништо не сте направиле, сте отишле во офсајд, проблемот нема да биде решен. Секојдневно ги гледаме тие ситуации и затоа им препорачувам на правниците да се образуваат комплетно, не само од случај до случај туку една правна област да ја совладаат целосно за да можат утре во таа правна област да ја најдат соодветната норма која ќе ја применат на одреден правен случај. Ако тоа го нема, готово е, не може да се биде правник.“


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 11.12.2012