/ Прочитано:

1.157

ПРОФЕСОРИТЕ СО ПОДДРШКА ЗА СТУДЕНТИТЕ: „Секоја генерација има право на своја револуција“

Трибината „Честите измени на Законот – причина за лошиот квалитет на високото образование“ одржана денеска на Филозофскиот факултет во Скопје ги спои професорите и студентите во една порака: Трeба заедно да се бориме за подобро високо образование и за заштита на правата на студентите и слободата на Универзитетот.

„Студентите се тие кои во случајов одржуваат универзитетска лекција“

На трибината организирана од Студентскиот пленум, студентите и професорите од различни факултети категорично рекоа дека никој нема право да посегнува по автономијата на Универзитетот, но и никој нема право да оспори нечиј протест затоа што, како што истакна професорот Љубомир Цуцуловски од Филозофскиот факултет, секоја генерација си има своја револуција.

Според професорката Билјана Ванковска, студентите се тие кои во случајов одржуваат универзитетска лекција. Таа ја критикуваше пасивноста на професорскиот кадар и во врска со првичните измени на Законот за високо образование од 2008 година, подвлекувајќи дека сегашната масовност на протестот била силна мотивација за академската заедница, но и порака до властите.

„Не се сеќавам дека на некој наставнички совет сме разговарале посериозно за овие проблеми. Ретки се „галамџиите“ што го кажуваат истото, дека Универзитетот мора да се претвори жив организам во кој ќе има дебата“, рече професорката, потенцирајќи дека клучното прашање е што, всушност, останало од автономијата на Универзитетот по тие законски измени.

„Што е следно? Да нè стават на детектор за лаги“

Професорот Цуцуловски рече дека се неосновани забелешките за поддршката што им ја дадоа професорите на студентите.

„Има многу вакви  примери во историјата. Последниот е студентскиот протест во 1997 година кога и јас застанав зад студентите“, истакна професорот Цуцуловски,  потсетувајќи дека некои од учесниците на тие протести денес се пратеници и министри кои велат дека овие студенти немаат право да протестираат.

„Секоја генерација има право на свој протест, на своја револуција и затоа не смее тоа да нè обесхрабрува“, подвлече професорот, кој додаде и дека не смее да има таква недоверба од власта кон студентите и професорите.

„Што е следно? Да нè стават на детектор за лаги“, резимираше Цуцуловски.

„Реформа може да има само кога создаваме слободни и мислечки личности од студентите“

За професорот Ненад Вилиќ, спорно е тоа што државниот испит се подведува под зборот „реформа“.

„Реформа може да има само кога создаваме слободни и мислечки личности од студентите, индивидуи што слободно мислат“, истакна Вилиќ, кој додаде дека и Факултетот за драмски уметности го отфрлил концептот на државен испит.

Според професорката Маја Бојаџиевска од Филолошкиот факултет, автономијата на универзитетите не само што е нарушена туку е целосно отфрлена.

Професорката својата дискусија ја започна со историска интерпретација на универзитетските слободи од Магна карта либерататум до Лисабонската декларација.

Она што наиде на особен аплауз од студентите е кога професорката Бојаџиевска рече дека не може да го одржи својот говор додека седи затоа што доволно било „виткањето кичма“, а и од почит кон студентите.

 „Државниот испит е  парастос за автономијата на универзитетите“

„Битката за автономија одамна  е изгубена, што се покажа со последните измени во Законот во 2011 година. Тогаш беше погребот на автономијата на универзитетите, а сега државниот испит е еден парастос. Зошто го прават ова, по ѓаволите? Квалитетот е само маска за наше дисциплинирање, но и скриена омраза кон сето она што го претставува универзитетот, рече Бојаџиевска.

„Ви благодарам што  нè разбудивте од сонот на Трнорушка“

Професорката Дана Прелиќ од ПМФ не само што го гледа државниот испит како погазување на автономијата, туку и како казна кон професорите и студентите.

„Каде згрешивме ние професорите и студентите, па вака да нè казнуваат“, праша професорката Прелиќ.

Прелиќ  им се заблагодари на студентите што ги разбудиле, како што рече, од сонот на Трнорушка, соопштувајќи дека дел од институтите на ПМФ го одбиле предлогот за концептот на државениот испит.

„Студентите и професорите треба да се заедно“

Од Студентскиот пленум не се откажуваат од својата битка. Велат дека ќе продолжат со трибини против идејата за воведување државни испити на факултетите, а нивниот заеднички став и став на професорите е дека мора заедно да се борат за подобрување на високото образование, но и за заштитата на правата на студентите и универзитетската автономија.

Инаку, следната недела свој став за концептот за државен испит треба да формираат сите факултети, а потоа мислењата на факултетите ќе бидат разгледувани на Интеруниверзитетската конференција на УКИМ.

12.12.2014

М.В/veljanoskim@akademik.mk