/ Прочитано:

1.829

Професорката Гордана Лажетиќ предложена за член на Националниот совет за високо образование

Во собраниска процедура е Предлогот за избор на членови на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност. Предлогот е доставен од Интрауниверзитетската конференција на Република Северна Македонија.

Интрауниверзитетската конференција како јавно правно тело ги разгледува и ги усогласува  прашањата од заедничко значење за универзитетите и за развојот на високото образование. Членки на Интрауниверзитетската конференција се сите акредитирани универзитети.

Надлежностите, пак,  на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност се, исто така, регулирани во Законот за високото образование.

Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност  се формира заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научноистражувачката дејност во Македонија. Националниот совет е самостоен стручен орган со седиште во Скопје.

Националниот совет е составен од 15 члена, кои ги избира Собранието на Република Македонија, од кои шест члена од редот на професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија, кои се избираат на предлог на Интрауниверзитетската конференција, со тајно гласање, при што секој од нив е од различно научноистражувачко поле.

Членовите на Националниот совет кои се од редот на професорите предложени од Интрауниверзитетската конференција потребно е да имаат објавено најмалку десет научни труда во референтна научна публикација, освен професорите по стручно-уметнички предмети.

Помеѓу предложените членови за Националниот совет за високо образование е и професорката Гордана Лажетиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Таа е професорка на Катедрата по казнено процесно право, Институт за казнено право и криминологија. Нејзина специјалност се предметите: Maлолетничко казнено право, Криминологија, Антикорупциско право, Пенологија, Посебни казнени постапки, Компаративно казнено процесно право, Социјална патологија, Права на децата и медиумите. Проф. д-р Гордана Лажетиќ е автор на голем број научни трудови објавени во земјата и во странство, а добитник е и на награди за својата научна дејност.

М.В