Професорот Тупанчески предложен за нов министер за правда
Никола Тупанчески е нов министер за правда, рече вечерва мандатарот за состав на новата влада, Димитар Ковачевски. Досегашниот министер за правда, Бојан Маричиќ, ќе биде вицепремиер за евроинтеграции.
Д-р Никола Тупанчески е професор во областа на казненото право. Во 1988 година бил избран за помлад асистент на Правниот факултет, а во 2012 година бил избран за редовен професор. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со магистерскиот труд под наслов: „Противправно заземање земјиште во државна сопственост“. Докторирал на Државниот универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија, во 2002 година со докторскиот труд под наслов: „Даночното затајување во споредбеното право и во правото на Република Македонија“.
Професорот Тупанчески ги предава предметите Казнено право, Меѓународно казнено право, Економско казнено право, Медицинско казнено право, Криминална политика, Компаративно казнено право и Малолетничко казнено право. Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Предавал на втор циклус студии – магистерски студии по интелектуална сопственост (IPRs Enforcement) како соработка на Универзитетот од Стразбур и УКИМ од 2010 до 2011 , а учествувал и во предавањата на постдипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје – Европски студии за интеграција, на Полициската академија и на магистерските студии по форензика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Тупанчески раководел со постдипломските студии од областа на казнено-правните науки, а бил и постојан претставник во Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО), Совет на Европа. Учествувал во повеќе експертски комисии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и во Министерството за правда на Република Македонија во врска со реформскиот процес на македонското казнено законодавство, а бил вклучен и во Советот за судски реформи во рамки на Владата на Република Македонија.
Тупанчески е ментор на повеќе магистерски тези и докторски дисертации. Членството во Арбитражниот одбор на Меѓународниот арбитражен суд, во Уредничкиот совет во научното и практично списание „Општество и закон” и претседателствувањето со Македонското претставништво на Здружението на криминалисти и криминолози (Союз криминалистов и криминологов), се дел од неговата биографија.
Професорот Тупанчески е и правен експерт и предавач во бројни домашни и странски институции и организации. Учесник на бројни меѓународни и домашни истражувачки проекти и автор е на значајни научни трудови и публикации.
М. В.