/ Прочитано:

844

Проглас на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права

По повод Меѓународниот ден на жената се одржа четвртиот по ред Марш за женски права. Овој марш, традиционално организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, беше посветен на жртвите на родово базирано насилство, под мотото „Ти не си виновна!“.

Од Платформата објавуваат и проглас по повод Меѓународниот ден на жената кој го пренесуваме во целост:

„Ти не си виновна! Ние не сме виновни! Не сме криви кога нѐ злоупотребуваат, нѐ навредуваат и нѐ  исклучуваат. Одбиваме да прифатиме дека треба да ги криеме, контролираме и дисциплинираме нашите тела, нашата сексуалност и нашите идентитети. Денес гласно извикнуваме – Виновни се оние кои нѐ мразат и презираат, виновни се насилниците за секоја наша рана и солза, виновна е државата која одбива да нѐ заштити, виновни се сите на кои нашата болка и тага им е смешна и ги разонодува/забавува?

Ние не сме безбедни! Ни на улиците, ни дома, па дури ни онлајн. Неодамна цела јавност беше шокирана од Телеграм групата – Јавна соба во која 13.000 членови споделувале, гледале и се исмевале со материјали, фотографии и видеа. Со сексуална содржина за конкретни жени и девојки без нивна согласност. Можете да кажете што сакате, но зборувајте со жени кои биле злоупотребени на овој начин и ќе сфатите дека станува збор за исклучително радикална форма на родово засновано насилство чии последици се далекусежни и сериозни по здравјето (особено менталното здравје) и благосостојбата на жртвите.

Ние не сме виновни. Не сме виновни што имаме сексуалност, не сме виновни што уживаме во сопствените тела, не сме виновни кога споделуваме интимни моменти со нашите партнери. Не сме виновни што се фотографираме, не сме виновни што комуницираме, што веруваме. Не сме есенција како нежен пролетен ветар туку субјекти и тела кои имаат желби, копнежи и потреби. Виновни се оние кои нѐ повредуваат, виновни се оние кои споделуваат приватни фотографии и видеа, виновни се оние кои малтретираат, силуваат, понижуваат, исмејуваат и злоупотребуваат.

Брзо решение нема, но родовата еднаквост како вредност мора да е императив во воспитувањето и образованието. Уште поважно, има мерки кои Владата мора да ги преземе во сите случаи на родово-базирано насилство, особено како потписничка на Истанбулската конвенција за спречување и борбата против насилство врз жените и семејното насилство.

Бараме – правда за сите жени жртви на насилство, вклучително жените чии имиња, видеа и фотографии беа злоупотребени во случајот Јавна соба.

Бараме – воведување на сеопфатно, сексуално образование во Македонија и тоа веднаш.

Бараме – адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство од сите институции кои се дел од системот за заштита и строго санкционирање на секое непостапување.

Бараме – институции кои се секогаш на страната на жртвите, наместо институции кои вршат двојна виктимизација!

Бараме – да именувате со вистинско име, оние кои се злоупотребени како жртви, оние кои злоупотребуваат како насилници!

Токму затоа, овогодинешниот Марш за женски права, гласно и недвосмислено го посветуваме на жртвите на било каков вид на родово базирано насилство со пораката ‘Ти не си виновна!’“

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЖЕНАТА: Правата на жените се неразделив дел од универзалните човекови права

Државниот завод за статистика објави податоци во пресрет на Осми март

Единаесетто издание на „Вечерите на женски права“

М.В