/ Прочитано:

483

Прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија

Владата денеска прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена. Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека одлуката е донесена врз основа на процената на Комисија дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.

Министерот за економија за прогласувањето на кризната состојба посочи и на донесената уредба со која се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетските дејности согласно со Законот за управување со кризи.

Според министерот за економија, Крешник Бектеши, за состојбата треба да има одговорност, но дека треба да се справат со енергетската криза.

Услови за прогласување на кризна состојба според Уредбата

Услови за прогласување на кризна состојба се:

– целосно или делумно нефункционирање на електропреносниот или електродистрибутивниот систем предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии,

– испад на интерконективен преносен капацитет,

– распад на електроенергетскиот систем на соседните држави,

– траен испад на поголеми производствени капацитети поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и/или неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија,

– недостиг на електрична енергија на домашниот пазар, како и на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија утврден врз основа на податоци добиени од диспечерскиот центар на ОЕПС и/или ОПЕЕ и

– непредвиден значителен пораст на цената на електрична енергија за одреден временски период.

Целосен текст на донесената Уредба за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија М.В