/ Прочитано:

1.267

Промоција на проектот за родово одговорни политики и буџети

УН Вимен, Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој денеска организираа промотивен настан за проектот на УН Вимен „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“.

Говорници на настанот беа Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, Сибил Сутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија, Матс Стефансон, амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија,  Алиа Ел-Јасир, регионална директорка на Kанцеларијата на УН Вимен во Европа и Централна Азија.

На настанот присуствуваа високи владини претставници, претставници од централната и локалната власт, од граѓанските организации и експерти од областа.

Проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“ го поддржува  напредокот на државата во спроведување на националните и меѓународните заложби за родова еднаквост и зајакнување на жените, кои се во согласност со Целите за одржлив развој и процесот на пристапување кон Европската Унија.

Главната цел на проектот е да се подобри животот на жените, вклучувајќи ги најранливите групи, преку системска и одржлива интеграција на родовата перспектива во сите фази на креирање на политики и буџетски процеси.

На централно ниво, проектот применува стратегии кои се фокусираат на воведување на родовата перспектива во реформата на управување со јавните финансии за да промовира поинклузивно и транспарентно управување, отчетно кон потребите и интересите на жените и мажите.

Проектот го поддржува националниот механизам за родова еднаквост со цел да овозможи политиките и законите целосно да бидат во согласност со принципите на родовата еднаквост.

На локално ниво, интервенциите на проектот се фокусираат на политиките и буџетите за да се подобри животот на жените и мажите од најранливите групи преку користење на докажаните практики, идентификувани во претходните иницијативи за родово одговорно буџетирање.

Проектот ги става луѓето на прво место преку изнаоѓање решенија базирани на потребите идентификувани од страна на самите корисници како чинители за промена.

Проектот ги поддржува граѓанските организации во нивните напори за следење и анализа на буџетските алокации и трошења од родова перспектива преку јакнење на капацитетите за собирање и анализа на родова статистика со цел креирање на политики засновани на докази.

М.В