/ Прочитано:

2.941

Промовиран извештајот „Ромите припаѓаат – Бездржавјанство, дискриминација и маргинализација на Ромите во Западниот Балкан и Украина“

Извештајот „Ромите припаѓаат – Бездржавјанство, дискриминација и маргинализација на Ромите во Западниот Балкан и Украина“ е подготвен од страна на Европскиот центар за ромски права (European Roma Rights Centre), Институтот за бездржавјанство и инклузија (Institute on Statelessness and Inclusion), Европската мрежа за бездржавјанство (European Network on Statelessness), во соработка со националните проектни партнери: Општеството за правна помош Тирана (Tirana Legal Aid Society – Албанија), Здружението „Вашите права“ БиХ (Vasa prava BiH Association – Босна и Херцеговина), Македонското здружение на млади правници (Македонија), Млади Роми (Црна Гора), Праксис (Praxis – Србија) и Десетти април (Desyate Kvitnya – Украина).

Животот без документи има големо влијание врз илјадници Роми кои живеат во Западниот Балкан и Украина, предупредува извештајот на Европскиот центар за ромски права, Институтот за бездржавјанство и инклузија и Европската мрежа за бездржавјанство (European Network on Statelessness).

Извештајот ги повикува владите во регионот да се фокусираат на бездржавјанството кај Ромите и да ги изменат сложените постапки за упис во матичната евиденција кои го отежнуваат пристапот до клучни документи за докажување на својот идентитет и државјанство.

Овој извештај истакнува дека со тоа што се оставаат децата Роми без извод од матичната книга на родените тие растат без државјанство. Од овие причини, илјадници Роми имаат тешкотии во пристапот до клучни права како образование, здравствена заштита и домување.

„Еден Ром од Македонија им истакна на истражувачите: ‘Јас не сум бил на училиште. Бев еднаш, но кога ми побараа извод од матичната книга на родените, јас се осетив многу засрамен и си отидов. Никогаш не се вратив…’се посочува во извештајот.

Ова истражување го открива ефектот на војните по распадот на Југославија, заедно со систематската маргинализација и дискриминација кон Ромите, како директен ефект врз животот на Ромите кој значително се влошува кога не можат да го докажат своето државјанство.

Со тоа што биле присилени да ги напуштат своите домови за време на војната честопати без документи, Ромите тешко се снаоѓаа во лавиринтот од процедури и не можеа да ги покажат потребните документи за да ja решат нивната состојба со недостаток на документација при враќањето дома. Дискриминацијата во институциите кон Ромите создава пречки кои уште повеќе го отежнуваат пристапот на Ромите кон нивните основни граѓански права.

Истражувањето, исто така, укажува на успешната работа на организациите од граѓанскиот сектор во регионот во однос на соработката со владите, со цел упростување на постапките за упис во матичната евиденција, пополнување на пропустите во законите и подигнување на свеста за потребата да се реши овој проблем. Ваквите напори покажуваат дека постои можност да се реши проблемот со бездржавјанството преку проактивен пристап во согласност со препораките во овој извештај, кој јасно ги истакнува чекорите кои државите треба да ги следат за да му стават крај на бездржавјанството во регионот.

Овој извештај е, исто така, повик до Европската комисија да ги земе решавањето и спречувањето на бездржавјанството и ромофобијата како приоритет во преговорите за пристап во Европската Унија со државите.

Македонското здружение на млади правници со работа на терен од 2010 година досега имаат идентификувано 664 случаи на бездржавјанство, како незапишано раѓање и лично име и лица кои немаат регулирано државјанство, од кои околу 70 проценти се Роми, се наведува во извештајот.

Според Нина Мари од Европската мрежа на бездржавјанство, во Европа има над 600.000 луѓе без државјанство и низ целиот свет нивната бројка изнесува над 10 милиони лица.

„Поради недостигот на документи, голем број од ромската популација живее без државјанство и не можат да ги докажат својот идентитет и националност. Бездржавјанството значи да се живее без националност, без држава и претставува правна аномалија. Лицата без државјанство се соочуваат со големи тешкотии да ги остварат своите фундаментални права на образование, здравствена заштита, работа и слобода на движење“, вели Нина Мари.

Во извештајот се наведува дека во Македонија, според официјалните статистики, живеат 53.879 Роми или 2,7 проценти од вкупното население.

M.В