/ Прочитано:

2.600

Промовиран механизмот за мирно решавање на работните спорови

Со воспоставениот механизам за успешно надминување на колективните или индивидуалните работни спорови, како што денеска беше нагласено, се создаваат поголема законска сигурност и ефикасни процедури кои се од интерес на сите засегнати страни. Она што е многу важно е тоа што Законот за мирно решавање на работните спорови му овозможува на помирувачот, односно на арбитерот директно да учествува во подготовката на колективните договори меѓу работниците и работодавците и на тој начин да им помогне успешно да го завршат преговарачкиот процес. Значи, не мора секогаш да постои колективен или индивидуален работен спор за да биде ангажиран помирувач. Напротив, помирувачот, односно арбитерот може да се вклучи и во улога на консултант којшто ќе помогне во преговорите и договорите кои се одвиваат меѓу работниците и  работодавците.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КССМ) денеска го промовираше механизмот за мирно решавање на работните спорови, по вонсудски пат, односно со помош на помирувaч, кога станува збор за колективни работни спорови и со помош на арбитер, кога станува збор за индивидуален работен спор.

Со воспоставениот механизам за успешно надминување на колективните или индивидуалните работни спорови, како што истакнаа, се создаваат поголема законска сигурност и ефикасни процедури кои се од интерес на сите засегнати страни.

„Работниците во Македонија постојано се соочуваат со проблеми, тие се буквално растргнати меѓу приватниот и професионалниот живот и тешко успеваат да најдат рамнотежа за едно нормално функционирање. Разрешувањето на споровите не е едноставен процес. Станува збор за судбина на некој човек, на некој наш сограѓанин, кој во еден момент е судрен со волјата на работодавецот. Во државните институции се поведуваат дисциплински постапки, а јас како правен застапник сум учествувал во речиси 200 дисциплински постапки. Во денешно време сето тоа чини и време и пари, особено што работните спорови не завршуваат само во компанијата, туку продолжуваат и во судовите. Токму затоа, овој механизам, кој е дел од Проектот за унапредување на социјалниот дијалог, претставува големо олеснување за самите работници. На овој начин се скусува времето на решавање на работните спорови, а Министерството за труд и социјална политика, кое е одговорно за целокупната стручно-административна поддршка и за управувањето со овој механизам, ги покрива трошоците на постапката за мирно решавање на работните спорови. Ангажирањето помирувачи и арбитри претставува голема помош не само за работодавците и работниците, туку за целокупното општество, бидејќи крајниот резултат е: успешно решени спорови, поголема сигурност и поголема доверба за сите инволвирани страни“, вели Филип Петровски, лиценциран помирувач и арбитер.

Тој појаснува дека стапувањето во сила на Законот за мирно решавање на работните спорови во 2015 година и добивањето на лиценцата за помирувач и арбитер за него биле вистински предизвик, нагласувајќи дека огромна заслуга за сето тоа да профункционира во практика има Меѓународната организација на трудот.

„Оваа организација го спроведуваше процесот на добивање лиценци најпрофесионално, објективно и непристрасно, а за таа цел ангажираше соодветен кадар од страна на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при УКИМ, со што сето ова доби многу поголема тежина и што е најважно, претставува спојување на сите социјални страни во Македонија, работниците, работодавците и Владата“, дополнува Петровски.

Професорот по трудово право, Лазар Јовевски, вели дека искуството во досегашното мирно решавање спорови е скромно, односно нивниот број е мал, но како што вели, тие се позитивно решени.

„Она што е многу важно е тоа што Законот за мирно решавање на работните спорови му овозможува на помирувачот, односно на арбитерот директно да учествува во подготовката на колективните договори меѓу работниците и работодавците и на тој начин да им помогне успешно да го завршат преговарачкиот процес. Значи, не мора секогаш да постои колективен или индивидуален работен спор за да биде ангажиран помирувач. Напротив, помирувачот, односно арбитерот може да се вклучи во улога на консултант којшто ќе помогне во преговорите и договорите кои се одвиваат меѓу работниците и  работодавците“, појаснува професорот Јовевски, кој воедно е и лиценциран помирувач.

Инаку, на денешната презентација на механизмот за мирно решавање на работните спорови беше нагласено дека Конфедерацијата на слободни синдикати, уште од самото формирање во 2005 година, го промовираше овој модел и се залагаше за арбитражата како поефикасен начин во постапките што се однесуваат на работните спорови.

Законот за мирно решавање на работните спорови стапи во сила во 2015 година, а досега е извршена обука за арбитри и помирувачи на околу 90 кандидати. Педесетина од нив веќе имаат добиено лиценца за работа од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Помирување е постапка за мирно решавање на колективен работен спор, во која со учество на трето неутрално лице (помирувач), двете спротивставени страни преговараат сè до постигнување заедничко прифатлива спогодба.

Арбитража е постапка за мирно решавање на индивидуални работни спорови поврзани со прекин на договорот за работа или неисплата на плата, кои според анализите се најчестиот вид на работни спорови во Македонија.

А. Б.