/ Прочитано:

1.822

Промовиран новиот Национален геопортал на просторни податоци

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, денес на прес-конференција го промовираа новиот Национален геопортал на просторни податоци, којшто од неодамна е пуштен во функција.

Вицепремиерот Битиќи, којшто е и претседател на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци, посочи дека новиот геопортал е дел од иницијативата на Владата на Република Северна Македонија за зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и за достапност на геопросторните податоци за сите граѓани и за стопанството.

„Токму затоа се ставаат на располагање податоците од НИПП геопорталот да може да ги користат државните органи, стопанството и граѓаните. Со еден клик на НИПП геопорталот може да се дојде до бараната информација, може да се видат катастарските парцели, хидрографската мрежа, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и други податоци“, рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека во текот на пандемијата, НИПП геопорталот на многу корисници им овозможува онлајн пристап до геопросторните податоци од нивните домови.

„Дигитализацијата е иднината на светот, а со воспоставување на овој нов геопортал, со само еден клик им овозможуваме на граѓаните, на бизнисите, на државните институции да пристапат до мноштво геопросторни податоци, со што значително се олеснува и се забрзува секој процес“, нагласи вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, која е носител на работата на Националната инфраструктура на просторни податоци, подвлече дека новиот Национален геопортал овозможува брз, автоматизиран и непречен пристап до просторните податоци, како и нивна интероперабилна размена.

„При креирањето на финалното софтверско решение за НИПП геопорталот се земени предвид неколку аспекти, како што се: производите, корисниците, административните аспекти, бизнис-аспектите, стратешките цели, но и одредени визии и концепти за тоа како треба да функционира системот во иднина. Од системски аспект НИПП геопорталот ги интегрираа просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде што тие се достапни за користење за сите корисници во и вон Република Северна Македонија. НИПП порталот е веб-базирано решение на кое се објавени просторните податоци и услуги. Податоците и услугите на порталот можат да се пронајдат, да се прегледаат и да се преземат од страна на корисниците“, рече директорот Тунџев.

Националниот геопортал содржи повеќе компоненти: апликација за пребарување, каталог на метаподатоци со алатка за креирање на метаподатоци, апликација за прегледување мапи, односно ГИС прегледник, регистри,  административен модул и основен модул за е-комерцијални услуги.

Во моментов на Националниот геопортал се објавени 161 метаподаток и 79 веб-сервиси кои се однесуваат на 82 вида просторни податоци објавени од страна на 5 институции (АКН, МЗШВС, ЦУК, УЗКН и АПП), што покажува дека геопорталот е во напредна фаза, но сè уште постои потреба за негово континуирано надополнување со нови податоци.

Промоцијата на новиот Национален геопортал се случува на денот на Националната инфраструктура на просторни податоци, а по тој повод се одржува и втората конференција на НИПП преку видеоконференциска врска, на која свое воведно обраќање имаа вицепремиерот Битиќи и директорот Тунџев.

На Геопорталот можете да пристапите преку следниот линк.

М.В