/ Прочитано:

433

Промовиран проектот за детектирање и намалување на сивата економија

Детектирање и намалување на сивата економија во државата преку прецизно мапирање на секторите во кои е најмногу застапена и утврдување на главните мотиви за нејзино постоење е целта на проектот „Подршка на реформите со менаџирањето на јавните финансии“, што денеска го промовираа Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Главните активности ќе бидат фокусирани на креирање нови и ефикасни алатки за борба против неформалната економија. Во рамки на овој проект, домашни и странски експерти веќе работат на студија за дефинирање на причините и индикаторите за намалување на сивата економија.

„Преземањето чекори за намалување на неформалната економија само по себе не е доволно, доколку немаме начин за прецизно мерење на ефектите од ваквите чекори. Поради тоа, клучен аспект во рамки на студијата е развивањето на индикатори за мерење на големината и застапеноста на неформалната економија во земјава. Преку индикаторите за мерење на нивото на неформалната економија ќе може да се направи и евалуација на преземените чекори за справување со неа, што ќе овозможи понатамошно продолжување со мерките кои дале резултат, како и модификување на оние кои не го постигнале очекуваното“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Проектот ќе се фокусира на практични акции и механизми во четири приоритетни области, и тоа подобрување на процесот на мерење, следење и откривање на неформалната економија, поефективни инспекциски услуги, подобрено деловно опкружување за раст и развој на компаниите и подигнување на јавната свест.

„Повеќето граѓани не се свесни дека „невидливата рака“ на сивата економија има директно негативно влијание врз квалитетот на нивниот живот. Токму затоа, ние во УНДП сме решително посветени да ги поддржиме напорите на Владата за трансформирање на националниот систем за управување со јавните финансии и за создавање поволно деловно опкружување што ќе придонесе за намалување на неформалната економија во државата“, изјави Сања Бојаниќ, заменичка на постојаната претставничка на УНДП.

Проектот „Подршка на реформите со менаџирањето на јавните финансии“ е финансиски и експертски поддржан од Министерството за финансии на Република Словачка и од Словачката агенција за развојна соработка.

„Програмата се базира на искуството на Словачка во реформата на јавните финансии и особено постојаното воведување нови и ефективни алатки. Како дел од програмата, ние обезбедуваме техничка помош, базирана пред сè на словачкото искуство, но секако и на искуството на други земји, особено во областите каде Словачка нема доволно експертиза“, рече Хенрик Маркуш, амбасадор на Република Словачка во земјава.

Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, потенцира дека сузбивањето на неформалната економија бара сериозен и темелен пристап, како и креирање мерки и политики со коишто ќе се искорени оваа појава.

„Владиниот План за борба против корупција содржи мерки коишто не само што помагаат во постојната борба со корупцијата, туку и значително придонесуваат за зајакнување на бизнис секторот и бизнис релациите во истиот и создаваат услови за непречено функционирање на компаниите според пазарните принципи. Она што е најнова мерка и на којашто работиме во моментов е Законот за потекло на имот, нешто што за прв пат се носи во нашата држава, а е важно за отворање на патот за одземање на нелегално стекнат имот и има импликации врз наплатата на даноците кои се влеваат во централниот буџет. Доколку целокупниот имот е законски стекнат и е пријавен во надлежните институции, сопствениците ќе ги подмируваат и давачките кон државата, што следствено ќе влијае врз намалување на даночната евазија “, потенцира Николовски.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска информираше дека заедно со Агенцијата за вработување работат на активација на пазарот на труд. Преку индивидуалниот план за секое вработливо лице, кој го подготвуваат Центрите за социјална работа заедно со АВРСМ и преку преквалифакцијата и доквалификацијата што се нуди, се создаваат услови секое вработливо лице, со поддршка на институциите, да добие соодветно работно место кое ќе значи егзистенција и сигурност.

„Наша задача преку Стратегијата за формализацијата на неформалната работа за периодот 2018-2022 и преку ИПА проектот – „Унапредување на условите за работа“ е да го поттикнеме создавањето на формални работни места, да ја намалиме непријавената работа, но и да стимулираме поголема економска активност на жените на пазарот на трудот. Државниот завод за статистика бележи континуиран пад на стапката на неформално вработување, од 24,3% во 2011 година, па сè до 13,6% во 2020 година“, истакна Шахпаска.