/ Прочитано:

1.766

„Развивање на инструменти за мерење на реформите во правосудството“

Промовиран проектот за мерење на успешноста на судските реформи во Македонија

Предлог-методологијата за мерењето на судските реформи низ призмата на исполнување на стандардите на Европската Унија ја подготвувале група експерти. Во јануари била одржана дискусија и со претставниците на судската власт, а денеска ќе бидат слушнати и предлозите на невладиниот сектор и на стручната јавност.

tribina 2

Од независноста на Македонија до денес, направени се голем број реформи што се однесуваат на правосудството, но сѐ уште не е развиен механизам за мерење на нивната имплементација. Во таа насока, Центарот за правни истражувања и анализи го најави проектот „Развивање на инструменти за мерење на реформите во правосудството“.

„Станува збор за мошне сложен проект и денеска ќе разговараме за методолошките нијанси при мерењето на овие реформи. Во мерењата ќе биде опфатено правосудството како мошне битен општествен сегмент, но и еден сегмент од политичкиот систем кој, како што гледате, во овој момент е многу испроблематизиран. Сепак, нашата тенденција не е да ги ставиме мерењата во моменталната ситуација, туку да бидат долгогодишен проект и се надеваме дека податоците што ќе ги добиеме ќе бидат референтни за сите понатамошни мисии за оцена, од земјата и од странство, кои се посветени на мерењето на перформансите на правосудниот систем во земјава“, изјави Јасна Бачовска-Недиќ, професорка на Правниот факултет и дел од тимот за изработка на методологијата.

Целта на проектот ќе биде да се следат судии, судската администрација, стручната јавност, нотари извршители, професори, односно речиси сите засегнати страни во правосудството.

Со самата истражувачка постапка очекуваме да се појави свест кај стручната заедница за важноста од мерењето на успешноста на судските реформи, смета Бачовска-Недиќ.

tribina 1

„Во овие 25 години од независноста на Македонија, ние постојано правиме реформи во судскиот систем, како на пример начинот на избирање на судиите од 2005 година, што беше нормативна реформа, но целта на истражувањето ќе биде да видиме какви резултати дала оваа реформа во насока на вистинското реформирање на судството. Што е направено на полето на независноста и транспарентноста на судството, на полето на фер и правично судење и должина на постапките. Значи, сите овие теми ќе бидат вклучени во истражувањето и ќе се мерат преку писмени прашалници, анкети, квалитативни анализи“, појаснува Бачовска.

Предлог-методологијата за мерењето на судските реформи низ призмата на исполнување на стандардите на Европската Унија ја подготвувале група експерти. Во јануари била одржана дискусија и со претставниците на судската власт, а денеска ќе бидат слушнати и предлозите на невладиниот сектор и на стручната јавност.

„Сметаме дека забелешките на различните субјекти во оваа област ќе ни помогнат за подобро да ја елаборираме предлог-методологијата која ќе биде подготвена до крајот на март. Најважно е во создавањето на реформите што се однесуваат на правосудството да бидат вклучени и судиите, кои, иако се најзасегнати, сметам дека не се доволно вклучени во процесот на создавање“, вели Реда Молиен, меѓународен експерт од Литванија, директорка на Националната судска администрација во Литванија.

Молиен вели дека, за жал, во процесот на подготовка на реформите во Литванија не биле вклучени сите засегнати страни, што подоцна се покажало како неуспешна пракса за квалитетно спроведување на реформите.

Никола Јовановски, менаџер на проектот „Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството”, вели дека за првпат во Македонија ќе биде промовирана алатка, односно листа на индикатори, која ќе им служи на сите субјекти во правосудството во иднина и преку која ќе може да се следи процесот на имплементација на судските реформи во Република Македонија.

Проектот на Центарот за правни истражувања е поддржан и од Британската амбасада во Република Македонија.

М.С.