/ Прочитано:

1.153

Промовиран проектот за поддршка на жртви на насилни кривични дела

Во организација на Македонското здружение на млади правници се одржа јавна промоција на проектот за правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела имплементиран од страна на МЗМП во партнерство со СОС Детско село Македонија.

На настанот се обратија Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село Македонија,  Оливер Ристовски, заменик-министерот за правда, Фрек Јанмат, претставник на делегацијата на ЕУ во државата, и Светлана Црвенковска, координатор на проектот.

Претседателот на Македонското здружение на млади правници,  Зоран Дранговски, го отвори настанот и посочи дека општеството единствено може да напредува доколку сите негови чинители напредуваат рамномерно и дека нивна цел е да обезбедат никој да не се почувствува сам на тој пат. Тој порача дека за Здружението е важно да ги идентификува  жртвите на насилни кривични дела, да ги зајакне преку правната заштита и да им овозможи да чекорат заедно со другите.

„Својот  придонес и влог  СОС Детско село ќе го  овозможи преку ставање на располагање на своите ресурси, искуства и ангажирање на советници за психосоцијална поддршка, кои во соработка со проектниот тим и МЗМП ќе придонесат кон остварување на специфичната цел која се однесува на овозможување  психосоцијална поддршка на жртвите,  односно  да се даде интервентна  помош и поддршка на децата, лицата со попреченост, жените, постарите лица и други кои се жртви на разни видови насилство со цел да се справат со него  и со последиците по нивното психофизичко и социјално здравје”, дополни националната директорка на СОС Детско село Македонија, Јулијана Накова-Гапо.

Министерството за правда постојано се заложува за подобрување на системот за поддршка на жртвите на насилни кривични дела, рече заменик-министерот за правда на РСМ, Оливер Ристовски. Тој истакна дека Министерството во изминатиот период работело на измени и дополнувања на неколку закони кои можат да помогнат во обезбедување подобра заштита за жртвите, притоа нагласувајќи ги Законот за кривичната постапка, Кривичниот законик, Законот за правда за децата, и го посочи донесувањето на новиот Закон за бесплатна правна помош. Ристовски рече дека од особена важност е и подготовката на Законот за надоместок на жртвите од кривични дела како еден од приоритетите на Министерството, за кој нагласи дека ќе биде реализиран до крајот на тековната година.

Фрек Јанмат, претставник на делегацијата на ЕУ во РСМ, рече дека правото на правна помош е важно и признаено во многу меѓународни документи и во законодавството на ЕУ. Тој додаде дека Република Северна Македонија е една од земјите членки на Советот на Европа која издвојува најмалку финансиски средства за правна помош и дека тоа во иднина би требало да се промени. Сепак, подвлече тој, добро е што земјата покажува постојана определба за унапредување на правниот систем. Тековната реформа на правниот систем и напорите на Министерството за правда, на чинителите од правосудството и граѓанскиот сектор, како и овој проект се очекува да обезбедат побрз, полесен и подобар пристап до правда и да ги поддржат жртвите на насилни кривични дела кон кои треба да се однесуваме со почит.

Координаторот на проектот, Светлана Црвенковска, подетално ги изнесе целите, активностите и очекуваните резултати од проектот. Притоа, посочи дека најважна е соработката на сите чинители во системот за заштита на жртви на насилни кривични дела кои треба во фокус да ја стават самата жртва и да и обезбедат целосна заштита, правна помош и психосоцијална поддршка, безбедна средина и нормален живот по завршувањето на правните постапки.

Проектот за поддршка на жртви на насилни кривични дела  е финансиран од Европската Унија преку Министерството за финансии на РСМ – Секторот за централно финансирање  и склучување договори.

М.В