/ Прочитано:

896

Промовиран првиот Национален извештај за родовиот индекс

Индексот на родовата еднаквост за Република Северна Македонија е клучен индикатор за мерење на родовата еднаквост, врз основа на кој во иднина ќе се развиваат мерки и политики за намалување на нееднаквоста во сите области на живеење.

Државната секретарка во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, на денешниот настан го претстави Националниот извештај за родовиот индекс на Република Северна Македонија.

„Со посебна чест се обраќам на денешниот многу значаен настан за нашата држава. Би сакала да потенцирам дека овој настан и претставувањето на првиот Национален извештај за родовиот индекс претставува можност уште еднаш да се потврдат заложбите и посветеноста на РСМ во унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности. Жените и мажите мора да имаат еднаков пристап до можности и услуги, кои се планирани и креирани во согласност со нивните специфични потреби. Статусот на жената во македонското општество бара напредок, а не само ветувања, бара  енергичен и јасно дефиниран пристап бидејќи за тоа не обврзуваат меѓународни стандарди, но и реалните потреби на жените“, истакна Тренчевска.

„Го поздравуваме објавувањето на првиот Индекс на родова еднаквост во Северна Македонија, кој покажува дека Северна Македонија не е исклучок: има место за напредок во сите области кои се мерат со Индексот. Силниот резултат во областа на распределба на моќта во Северна Македонија заслужува пофалби, делумно заради родовата квота за членови на Парламентот од пред  17 години. Генерално, ова дава солидна основа за споредба во регионот, што ќе ги води политичарите во планирањето на вистински мерки за унапредување на родовата еднаквост“, изјави Вирџинија Лангбак, директорка на Европскиот институт за родова еднаквост.

Иницијативата за воведување на Индексот на родова еднаквост во Македонија е започната  од Министерството за труд и социјална политика преку Секторот за еднакви можности и Државниот завод за статистика, со голема поддршка од Европскиот институт за родова еднаквост во Вилнус, Литванија, и Канцеларијата на „UN Women“ во Скопје.

Сумарната вредност на Индексот укажува дека во Македонија сè уште постои значајна родова нееднаквост. Но, доколку се споредува сумарниот резултат на Индексот на родова еднаквост на Северна Македонија со другите земји членки на ЕУ, може да се констатира дека земјата е подобро рангирана од половина земји членки, кои се претежно дел од Балканот или од поранешниот Советски Блок.

М.В