/ Прочитано:

932

Промовирана анализата за процесот за процена на влијанието на регулативата

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) денеска ја промовираше анализата за спроведувањето на процесот за процена на влијанието на регулативата (ПВР) од страна на министерствата во РМ во 2017 година.

Анализата е изготвена во рамките на проектот „Со квалитетен ПВР до подобро законодавство во РМ“, поддржан од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Центарот за економски анализи, а имплементиран од МЗМП.

Анализата дава преглед на спроведувањето на процесот на ПВР од страна на министерствата во 2017 година и констатира значајни недоследности, како од формална така и од суштинска гледна точка.

„Во таа насока, за шест закони воопшто не е спроведена ПВР, додека за осум постојат недоследности во некоја од фазите на ПВР. Во најголем дел од случаите изостанува детален опис на проблемот кој бара потреба од измена или донесување ново законско решение и мошне ретко се користат статистички податоци, демографски податоци или податоци од научни и стручни студии и отсуствува детално образложение и анализа на влијанијата кои ќе ги има одреден закон или одредена измена врз општеството“, беше истакнато на денешниот настан.

„Утврдивме дека не се почитуваат роковите за објавување на нацрт-извештаите и објавувањето на предлог-законите на ЕНЕР, односно и покрај тоа што најпрво треба да се објави нацрт-извештајот, па предлог-законот, тие се објавуваат во исто време“, истакна Бојан Трпевски од МЗМП.

На денешниот настан, како и во анализата, беше образложено дека процесот за процена на влијанието на регулативата е важен од аспект на интеграцијата во ЕУ. Имено, во претпристапниот период процесот на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ подразбира анализа на нивните правни акти и соодветно транспонирање во националното законодавство.

Во таа насока, Светлана Црвенковска од МЗМП нагласи дека доколку се спроведува добра процена на влијанието на регулативата, Република Македонија ќе ја има преговарачката позиција, но и полесно ќе го помине скринингот на национално законодавство.

„Во анализата направена е компаративна анализа со законодавството на Франција, Словенија, Хрватска и Обединетото Кралство и она што можеме да го забележиме е дека процената на влијанието на регулативата се прави на ниво на закон, што не е случај кај нас во Македонија. Сметаме дека можеби овој процес треба да се издигне на ниво на закон и во исто време препорачуваме да се направи независно тело составено од експерти, кое ќе биде надвор од министерствата и ќе ги прегледува нивните извештаи од подготовката на нови закони, па потоа ќе ги одобрува. Тоа тело ќе треба да ги одобри извештаите, па потоа тие да одат пред Влада, пред Собрание, а ако не  бидат одобрени уште во самиот момент, треба да се види каде има проблеми и тие да се решат пред да се донесе законот“,  посочи  Црвенковска.

Државниот советник во Министерството за информатичко општество и администрација Гордана Гапиќ-Димитровска посочи дека процесот за процена на влијанието на регулативата е процес на учење и на менување на културата на работење.

„Денеска донекаде е променета културата на однесување на администрацијата, но уште повеќе и на политичарите бидејќи администрацијата ја имаме како стручна служба којашто знае што работи,  но имаме и функционери кои ги носат финалните одлуки“, истакна Гапиќ-Димитровска, додавајќи дека процената на влијанието на регулативата не е најпопуларна кај политичарите.

„Тоа е така бидејќи процесот за процена на влијанието на регулативата кажува како треба да се носат политиките, а некогаш тие имаат своја идеја и свој концепт. Оттука е додадената вредност на овој процес – администрацијата да ги направи анализите, да даде повеќе опции како да се реши одреден проблем, а потоа да се донесе политичката одлука за нејзина имплементација“, додаде Гапиќ-Димитровска.

М.В