/ Прочитано:

2.505

Промовирана „Балканот и американската дипломатија во XX век“ од проф. д-р Мишо Докмановиќ

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа свечена промоција на книгата „Балканот и американската дипломатија во XX век“ од проф. д-р Мишо Докмановиќ.

„Она што го чини ова дело така автентично е фактот што „Балканот и американската дипломатија во XX век“ претставува прв учебник од областа на американската дипломатија објавен на македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“, беше истакнато на почетокот на промоцијата на книгата, за која говореа проф. д-р Љубомир Фрчковски и проф. д-р Бистра Неткова.

Професорот Фрчковски истакна дека  учебникот „Балканот и американската дипломатија во XX век“ е од извонредно значење за македонската наука и за студиите на Правниот факултет, потенцирајќи дека покрај тоа што текстот на книгата има широк фактографски и референтен опус, тој е структуриран на читлив и методолошки  јасно изразен начин.

Во поширок контекст и во однос на тематиката што се обработува во книгата, професорот Љубомир Фрчковски се осврна на историските аспекти на балканската политика на Балканот и на американската политика во Македонија, елаборирајќи го значењето на политиката на американската администрација по однос на македонското државотворно прашање, дипломатските влијанија, меѓусебната и регионалната соработка и кулминациониот  историски момент на признавањето на Македонија под нејзиното уставно име од страна на САД.

Професорката Бистра Неткова осврнувајќи се кон тематскиот концепт на научниот труд подвлече дека учебникот како резултат на повеќегодишното истражување на авторот претставува видлив придонес во научната мисла, а како учебник за постдипломските студии е мошне интересен и корисен труд и за пошироката јавност.

Авторот на првиот учебник од областа на американската дипломатија издаден на македонски јазик на УКИМ, проф. д-р Мишо Докмановиќ, изрази особено задоволство што неговата идеја за истражување на конкретната проблематика резултирала со издавање на учебникот, за чие пишување, како што рече, му биле потребни неколку години посветено научно истражување.

За таа цел професорот Докмановиќ истражувал над 4 илјади архивски и дипломатски документи, обемна литература, но имал и студиски престои на престижни американски универзитети, на кои исто така држел и предавања за американската надворешна политика и регионот.

На неговите претходни престои на овие универзитети произлегла идејата за воведувањето на предметот „Балканот и американската дипломатија“. Од тие причини и понатаму при истражувањето особено го водела идејата дека голема корист од учебникот ќе имаат студентите што специјализираат во областите на меѓународното право, како и во областа на дипломатијата и меѓународните односи  заради добивање на дополнителни знаења за улогата на американската дипломатија на Балканот во историски контекст.

Инаку, со воведувањето на предметот „Балканот и американската дипломатија“ во 2010 година, Правниот факултет станува еден од ретките факултети во регионот што нуди специјализиран курс во оваа област. Оттогаш преку 80 студенти го избрале овој предмет, а над 15 студенти во изминатите  години се решиле да пишуваат магистерски тези токму од оваа област.

Осврнувајќи се на прашањето за американската дипломатија во регионот, Докмановиќ нагласува дека постои погрешна теза во јавниот дискурс дека интересот на САД за регионот започнува по Втората светска војна бидејќи  САД се присутни во регионот во текот на целиот XX век, но со различен фокус и со различни приоритети. Докмановиќ го нагласи значењето на американската политика за македонското прашање низ историјата и историските процеси, но и нејзиното значење во современите политички состојби како неминовност во регионот.

Единствен беше заклучокот од промоцијата дека ова дело на професорот Мишо Докмановиќ ќе биде поттик за нови истражувања во оваа област кои на научно-истражувачки начин ќе дадат одговори и свој академиски придонес во научниот дискурс околу историско-политичките и државно-правните влијанија на американската надворешна политика на Балканот, чии импликации, како што беше истакнато, се присутни и денес.

Д-р Мишо Докмановиќ е вонреден професор  на  Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Ги завршил и постдипломските студии по современа дипломатија на Медитеранската академија за дипломатски студии. За врвните резултати постигнати во научно-истражувачката работа добитник е на наградата „Научник на годината“ за 2013 година.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk

16.5 2015