/ Прочитано:

8.966

ПРОМОВИРАНА ФОНДАЦИЈАТА „ТОМА ФИЛА“: Да ги помогнеме младите, меѓу нив можеби е новиот Цицерон, вели познатиот адвокат

Во рамки на одбележувањето на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - 25 април, во Битола беше промовирана Фондацијата „Тома Фила“. Фондацијата ќе функционира во интерес на студентите и Универзитетот, беше истакнато на свеченоста по повод основањето и промовирањето на фондацијата.

Да им се помогне на младите луѓе што сакаат да бидат адвокати

Идејата за фондацијата, истакнува познатиот адвокат со битолско потекло Тома Фила, е од поодамна, но се реализира сега со помош на ректорот на УКЛО, Сашо Коруновски и адвокатот Никола Главинче, со чиј дедо бевме неразделни пријатели. Целта на фондацијата, вели Фила, е да им се помогне на младите талентирани правници да влезат во светот на адвокатурата и притоа финансиски да им се помогне, за да го остварат својот сон да бидат дел од адвокатурата.

„Се сеќавам само колку души доаѓаа во мојата адвокатска канцеларија да бараат адвокат да ги вработи. На некои успеавме да им помогнеме, на некои не. Така дојдовме до оваа идеја еден студент или двајца дипломирани студенти кои ги исполнуваат критериумите да добиваат стипендија, односно да добиваат плата, се разбира, со исплатени придонеси за време на адвокатскиот приправнички стаж.  Треба да се напомне дека стипендираниот приправник ќе има можност сам да бира кај кој адвокат сака да стажира, дали кај некој адвокат парничар или пак кај адвокат кривичар“, вели Фила.

Адвокатскиот приправник не е чирак

Познатиот адвокат нагласува дека најважно е адвокатскиот приправник да има желба да учи и суштински да ја научи адвокатската професија, почнувајќи од релациите со клиентите, однесувањето во судот и позиционирањето на пазарот на труд. Адвокатскиот приправник, потенцира Фила, за време на својот приправнички стаж треба навистина да го реализира тој свој стаж, а не да прави работи кои не му прилегаат на адвокатскиот стаж како услов за влез во адвокатурата.

„Адвокатскиот приправник не е чирак. Тој не треба да купува бурек, да го препаркира автомобилот или само да копира документи во адвокатската канцеларија. Да прави работи кои не му доликуваат и не му користат на еден адвокатски приправник. Адвокатскиот приправник мора да учи и да научи. Се надевам дека еден од адвокатските приправници кои ќе ги помогнеме ќе биде подобар и од мојот татко и од мене. А можеби и меѓу нив ќе има еден нов Цицерон“,  нагласува познатиот адвокат со македонско потекло.

Адвокатурата на ранг на научна дисциплина

Минатата година во рамките на одбележувањето на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, за особен придонес во правото и за развојот и угледот на адвокатската професија, адвокатот Тома Фила  од страна на УКЛО беше прогласен за почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa). Ваквиот чин, оцени претседателот на Адвокатската заедница во Битола, Никола Главинче, е големо признание за адвокатурата и за нејзиното значење во развојот на правната наука и во однос на тоа што адвокатурата се доведува до ранг на научна дисциплина.

Адвокатурата е начин на живеење

Адвокатот Тома Фила истакна дека е многу благодарен за признанието што му се доделува токму во неговиот роден крај, нагласувајќи дека тоа е врв на неговата кариера. При одржувањето на свечената церемонија по повод прогласувањето на познатиот адвокат за почесен доктор на науки, Фила истакна дека тоа е врв на неговата кариера, најавувајќи дека во иднина преку  фондација ќе ги помага младите дипломирани студенти по право да станат адвокати.

„Мојата единствена вистинска љубов е адвокатурата. Јас никогаш не мислев, а  и сега не мислам дека адвокатурата е занимање. Адвокатурата е начин на живеење, цел човек“, рече еден од најпознатите балкански адвокати.

Од најмлад адвокат во Југославија до легенда на балканската адвокатура

Адвокатот Тома Фила, кој често нагласува дека се гордее со Македонија, за која вели дека е неговата татковина, е роден 1941 година, во Битола. Син е на истакнатиот правник, адвокат и борец за правда Филота Фила. Средното образование и правните студии ги завршил во Белград. Дипломирал во 1963 година, а во 1967 година станал најмлад адвокат во Југославија.

Тома Фила бил секретар на Адвокатската комора, член на Советот на Правниот факултет во Белград, седумнаесет години бил член на уредувачкиот колегиум на многу стручни списанија. Во јавноста стана познат како адвокат на луѓе обвинети за најтешки кривични дела, меѓу кои се и голем број луѓе обвинети за дела за кои следувала најстрога казна; бранел десет такви клиенти, а извршена е само една пресуда. Тома Фила двапати беше предавач на конференциите на Академик посветени на правните ризици.

М.В

„Секогаш се борев да го бранам човекот, а не кривичното дело“ – адвокатот Тома Фила прогласен за почесен доктор на науки

Адвокатот Тома Фила – почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

ДЕНОВИ НА ИНСПИРАЦИЈА И НОВА ПРАВНА МИСЛА: Конференција за управување со правни ризици, Скопје, 2014

ИДЕИ ШТО СЕ ИДНИНА НА ПРАВОТО: Импресии од Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“