/ Прочитано:

694

Промовирана Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост на Брајово писмо и во аудиоформат

Во Владата денеска се одржа промоција на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, која е достапна на Брајово писмо и во аудиоформат.

Настанот го организираше Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата, а говореа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски, претставници од Националниот совет на инвалидски организации на Македонија и од Здружението на слепи лица на Општина Велес.

„Посебно се радувам што лицата со оштетен вид веќе имаат можност да се запознаат со содржината на Конвенцијата на Обединетите нации која ги гарантира правата на лицата со попреченост. Оваа конвенција беше основата за подготовка на новиот Закон за социјална заштита со којшто ги унапредуваме правата на лицата со попреченост. За разлика од досегашната практика, со која само се трансферираа пари до крајните корисници, без притоа да добијат соодветна услуга, сега се става акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата, но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попреченост и нивната вклученост во општеството, што е втемелено во одредбите на самата Конвенција“, рече министерката Царовска.

Претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски, истакна дека Конвенцијата на ОН освен што е важна за лицата со попреченост е подеднакво значајна и за Националното координативно тело, но и за Владата во целина, бидејќи таа е основата за планирање на сета национална легислатива.

„Само едуцирани граѓани, зајакнати и информирани за своите права, можат да лобираат и да побараат реализација на правата зацртани во Конвенцијата. Нашата земја ја ратификуваше во 2011 година, но оваа година таа за прв пат се спроведува преку изготвувањето на Акцискиот план, во согласност со препораките од Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост. Изготвувањето на Конвенцијата во Брајово писмо и во аудиоверзија, коешто беше иницијатива на здруженијата, уште еднаш ни покажува дека организациите на лицата со попреченост имаат голема улога во процесот на зајакнување на своите членови, но и во давање на својот придонес за имплементација на мерките од Конвенцијата“, рече Додевски.

Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е отпечатена во 100 примероци на Брајово писмо и прилагодена во аудиоформат во 300 примероци.

М.В