Промовирана Матрицата за мониторинг на перформансите на јавното обвинителство
Денеска во организација на Центарот за правни истражувања и анализи се одржа тркалезна маса за промоција на Матрицата за мониторинг на перформансите на јавното обвинителство. Матрицата е документ изработен во рамките на проектот „Креирање на матрица за мониторинг на перформансите на јавното обвинителство“, поддржан од Британската амбасада.
Матрицата за мониторинг на перформансите на јавното обвинителство е развиена во еден сеопфатен и инклузивен процес од страна на работната група составена од меѓународни и домашни правни експерти и јавни обвинители.
Жарко Алексов од Центарот за правни истражувања и анализи во своето воведно излагање на денешниот настан подвлече дека дизајнирањето на Матрицата како алатка било направено во блиска соработка со Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство на Република Македонија и Министерството за правда.
„Битно е да се напомене дека Центарот за правни истражувања и анализи, со поддршка на Британската амбасада, веќе има дизајнирано алатка за мерење на перформансите на судството. Ваквиот комплементарен пристап овозможува конкретен и сеопфатен увид во состојбите во правосудството, со различен фокус на мониторингот во зависност од целната група која е предмет на евалуација“, беше истакнато на денешниот настан, на кој говореа и членовите на работната група.
Во таа насока, за значењето и за предизвиците од мониторинг на перформансите на јавното обвинителство говореше Коле Штерјев, претседател на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, кој ја оцени Матрицата како исклучително корисна за јавните обвинители
За процесот на изработка и за структурата на Матрицата говореше Наталија Тасевска, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, а правниот експерт и член на работната група Александар Гоџо се осврна на индикаторите за мерење на перформансите.
За изворите и стандардите за мерење на успешноста во работењето на јавното обвинителство говореше Кирил Папазоски, адвокат во ПВЦ Македонија и член на работната група, додека пак за методолошкиот дизајн на Матрицата зборуваше Марко Трошановски, методолог и член на работната група.
Експертите истакнаа дека Матрицата ги рефлектира најдобрите европски и светски практики за мерење на перформансите на јавното обвинителство. Преку неа можат да се детектираат проблемите со кои се соочува јавнообвинителскиот систем, но таа ќе укаже и на напредокот на реформските процеси.
Матрицата е документ од извонредно значење за јавните обвинители и воопшто за јавното обвинителство. Во таа смисла, клучни цели на Матрицата се да се развие и да се воспостави функционална, објективна и долгорочна национална алатка за мерење на успешноста и на резултатите на јавнообвинителскиот систем во државата.
Потоа, преку неа ќе се утврдат моменталните перформанси на јавнообвинителскиот систем, ќе се идентификуваат потребите и слабостите, но и ќе се измерат резултатите од досегашните реформски иницијативи и активности.
„Целта на Матрицата е да се создаде платформа за идно подобрување на перформансите на јавното обвинителство, да се креираат јавни политики, да се поттикнува експертска дискусија и промена на легислативата, како и да се дефинираат поефективни мерки за поголемо влијание во реформските процеси во согласност со најдобрите меѓународни стандарди и практики“, беше истакнато на денешниот настан, кој беше проследен и со плодна дискусија за реформските процеси кои се потребни во јавното обвинителство.
Промовирана веб-платформата „Џастис обзерверс“ на Центарот за правни истражувања и анализи
Почеток на првото национално мерење на перформансите на правосудството
Промоција на матрицата за мониторинг на перформансите во македонското правосудство
Судската пракса – обврзувачко, но занемарено правно сфаќање и извор на судското правo
Унифицирање на судската пракса за нејзина посилна улога во правниот систем
М.В